Економија
Народната банка: Домашната економија закрепнува, инфлацијата останува во контролирани рамки
Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка. По усвојувањето на извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции на конференција за медиумите.
Втора година по ред макроекономските проекции се спроведуваат и се објавуваат во услови наметнати од пандемијата и глобална неизвесност. При вакви околности Народната банка постојано води олабавена монетарна политика заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија. Во периодот помеѓу априлскиот и овој циклус проекции економските параметри главно се движеа во согласност со очекувањата. Ризиците и натаму беа поврзани со неизвесната во врска со здравствената состојба, при понагласени нарушувања на синџирите на снабдување и променливост на пазарите на примарни производи, информираат од Народната банка.
Појаснуваат дека најновите очекувања за економскиот раст се непроменети во однос на априлските проекции, при што за следната година и натаму се очекува целосно враќање и надминување на преткризното ниво. Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во оваа и в година економската активност ќе расте со идентична стапка на раст од 3,9 % и постепено ќе достигне стапка од 4 % на среден рок. Во целиот период на проекциите се очекува дека растот и натаму ќе произлегува од домашната побарувачка, а нето-извозот ќе има негативен придонес кон растот во периодот на проекции. Имено, закрепнувањето на странската побарувачка би дејствувало стимулативно на извозната активност, но со оглед на високата увозна компонента на извозот, но и побрзото закрепнување на домашната побарувачка, се очекуваат и поголеми увозни притисоци.
Инфлацијата останува во контролирани рамки, се прецизира во соопштението. Најновите проекции упатуваат на умерена инфлација од 3,1 % во 2021 година. Повеќето од тековните нагорни притисоци се должат на фактори на страната на понудата, поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки. В година се очекува нормализација на овие фактори и забавување на инфлацијата, при што би се свела на 2,4 %, а потоа постепено на речиси 2 % на среден рок. Истовремено, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моментниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката. Под влијанието на пролонгираното траење на пандемијата на меѓународните пазари и понатаму постои голема променливост на цените на примарните производи, а со тоа и неизвесност за движењето на увозните цени како на краток така и на подолг рок.
Според гувернерката на НБРМ, дефицитот на тековната сметка и натаму би бил во умерени рамки, но на нешто повисоко ниво од минатата година (3,8 % од БДП), а на среден рок би изнесувал околу 2 % од БДП, слично на преткризното ниво. Проширувањето на дефицитот е, пред сѐ, одраз на повисокиот трговски дефицит при пораст на светските цени на храната и енергијата, привремен застој кај синџирите за снабдување, кој го забавува извозот, и на постепеното закрепнување на домашната побарувачка. Овие ефекти се во голема мера неутрализирани со побрзото закрепнување на приватните трансфери, како и подобриот нето-извоз на услуги. Дефицитот на тековната сметка, како и во преткризниот период, ќе биде во целост финансиран од приливите во финансиската сметка, што ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви на среден рок.
Според НБРМ, показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваат на нивно задржување во сигурната зона во текот на целиот период на проекции, што дополнително упатува на стабилноста на домашната валута – денарот.
Кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Во периодот на проекции се очекува солиден кредитен раст, кој оваа година ќе изнесува 7,1 % и постепено ќе забрза достигнувајќи речиси 8 % на среден рок. Слични се очекувањата и за движењето на депозитите во периодот на проекции како главен извор на финансирање на банките.
Општо земено, најновите оценки за четиригодишниот период 2021 – 2024 гoдина ги потврдуваат очекувањата за закрепнување на домашната економија од пандемијата и во основа се непроменети во однос на априлските проекции. Oценките се проследени со висока неизвесност, при што ризиците се претежно надолни и се поврзани, пред сѐ, со натамошниот развој на пандемијата и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и производство. Народната банка продолжува со внимателно следење на движењата и ризиците од домашното и надворешното окружување заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика, додаваат од НБРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.