Економија
НБРМ: Забрзува растот на зелените кредити во третиот квартал од 2022 година
Забрзува растот на зеленото кредитирање во третиот квартал од 2022 година, достигнувајќи 17,7%%. Зелените кредити се наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што е развој на нова еколошка технологија. Во третиот квартал е зголемен и уделот на зелените кредити во вкупните кредити, од 2,7% во претходниот квартал, на 3,1%, односно за 0,4 процентни поени. Иако податоците покажуваат поволни поместувања, сепак има простор за понатамошно зголемување на уделот на зелените во вкупните кредити.
Во третиот квартал зелените кредити на корпоративниот сектор и домаќинствата достигнаа 12.876 милиони денари, односно се зголемија за 31,5 милиони евра за едно тримесечје. Растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите на фирмите, коишто учествуваат со 5,8% во вкупните кредити доделени на корпоративниот сектор. Растот на зелените кредити кај домаќинствата е помал и тие учествуваат со само 0,7% во вкупните кредити на секторот „домаќинства“.
Насочените активности на Народната банка за поттикнување и зголемување на свесноста кај домашните кредитори за финансирање „зелени“ проекти, односно поддршката на инвестициите во обновлива енергија, енергетска ефикасност, одржливо земјоделство и технолошки иновации, придонесоа за зголемување на зеленото кредитирање за речиси 80% крајот на 2019 година. Во истиот период кредитите пораснаа и како удел во вкупните кредити за 0,9 процентни поени.
Во септември 2022 година Народната банка донесе одлука за промени кај инструментот за задолжителна резерва, преку кои се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. На ваков начин, во услови на енергетска криза и силен раст на глобалните цени на електричната енергија, Народната банка придонесува кон ублажување на притисоците и на структурните проблеми во економијата, а воедно со мерката се поддржуваат и „зелените финансии“ и одржливото финансирање.
Преку низа други активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање. Во тек е и изработка на стратегија за поттикнување на зеленото финансирање, во која меѓу другото е предвидена подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, вклучително и за транспарентното финансирање. Се гради и зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви, а од годинава Народната банка воспостави и редовен систем на прибирање подетални податоци за зеленото финансирање. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат и редовни стрес-тестови.
Климатските промени имаат негативно влијание врз економскиот раст и инфлациските притисоци, особено кај помалку развиените економии, затоа сè повеќе централни банки го гледаат зеленото финансирање како дел од нивниот мандат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.