Економија
НБРМ: Основната каматна стапка и понудата на благајнички записи се непроменети
Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одржа седница на којашто беа разгледани најновите економски показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%.
„Намалувањето на основната каматна стапка до нивото од 1,5%, како и досегашното позначајно намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за натамошно зголемување на ливидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економија“, соопштија од Народната банка.
Со оглед на веќе извршеното олабавување на монетарната политика, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, ликвидноста ослободена преку основниот инструмент на Народната банка, од вкупно 15 милијарди денари во април и мај, на седницата беше оценето дека е соодветна, при што беше одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.
На седницата беа разгледани и најновите економски показатели во домашната економија.
„Генерално, ширењето на вирусот Kовид-19 во глобални рамки и во домашната економија резултираше со негативни ефекти врз деловната активност и влијаеше поизразено врз довербата и очекувањата на фирмите и потрошувачите и во текот на вториот квартал. По забавувањето на растот на економијата во првиот квартал на оваа година, тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот април-мај упатуваат на понатамошни негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност (продлабочување на падот на индустриското производство и на прометот во трговијата и угостителството, а по растот во првиот квартал, пад се забележува и кај градежништвото)“, се наведува во соопштението.
Во однос на инфлациските движења, ценовните промени за вториот квартал се нешто повисоки од проекцијата за вториот квартал, но тие се движени од фактори на страната на понудата. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и променливост на цените на примарните производи, присутна е неизвесноста околу проекцијата на инфлацијата од 0%. за 2020 година.
Нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурната зона, а остварувањата во текот на второто тримесечје се нешто подобри од очекувањата.
Расположливите податоци од надворешниот сектор за второто тримесечје упатуваат на поизразено негативно влијание врз домашната економија од ширењето на вирусот ковид-19 во текот на вториот квартал. Сепак, гледано по месеци, ефектите се најизразени во април, што е во согласност со очекуваната динамика, додека податоците за мај упатуваат на постепено закрепнување и можност трговскиот дефицит да биде во согласност со очекуваниот според проекцијата за вториот квартал. Од друга страна, податоците за менувачкиот пазар заклучно со јуни, упатуваат на пониски нето-приливи од приватните трансфери од очекуваните за вториот квартал, во услови на пад и на понудата и на побарувачката за девизи.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за јуни покажуваат нивен солиден годишен раст, нешто повисок во однос на проекцијата за вториот квартал од годината.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидносната позиција на банкарскиот систем се задржа на релативно стабилно и солидно ниво, што се потврдува и со отсуството на потреба на банките за задолжување на пазарите на пари. Показателите за домашните финансиски пазари за јуни упатуваат на релативно стабилни движења на девизниот пазар, коишто сигнализираат натамошно постепено подобрување на очекувањата на физичките лица и економските субјекти.
„Резимирано, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата на Kовид-19 и натаму се присутни, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија“, соопшти Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.