Економија
НБРМ: Постои простор за олабавување на монетарната политика
На 13 март 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Како што соопшти Народна банка, Комитетот ги разгледал најновите остварувања во домашната економија, при што е заклучено дека економските основи и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи. Воедно, утврдено е понатамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и постепеното забрзување на депозитниот раст. Истовремено, последните оцени за растот на клучните трговски партнери посочуваат на подобро надворешно окружување од очекуваното досега и со тоа подобар амбиент и помали ризици за домашната економија. Во вакви околности, Комитетот оценува дека постои простор за олабавување на монетарната политика, при што на седницата беше одлучено каматната стапка на благајнички записи да се намали од 3,25% на 3,00%, а на аукцијата којашто ќе се одржи на 14 март понудата на благајнички записи да биде непроменета и да изнесува 25 милијарди денари.
„На седницата се одлучи да се намалат каматните стапки на расположливите депозити на 7 дена и преку ноќ, за 0,20 и 0,10 п.п., на ниво од 0,3% и 0,15%, соодветно. Имено, со оглед на релативно високото ниво на слободни парични средства на банките, што во голем дел е насочувано кон расположливите депозити кај Народната банка, преку намалување на каматните стапки на овие инструменти се очекува дека банките ќе ги насочат своите слободни ликвидни средства во приватниот сектор и со тоа ќе овозможат посилна кредитна поддршка на економијата во 2018 година. Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции минатата година главно не упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти“, се вели во соопштението.
Во однос на активноста во економијата, податоците за БДП за 2017 година покажуваат стагнација, главно поради падот на инвестициите, а овие остварувања не отстапуваат значително од проектираниот раст од 0,5%. Притоа, по падот во првата половина од годината, во согласност со очекувањата, во втората половина на годината економијата забележа раст. За првиот квартал од 2018 година достапни се мал број високофреквентни податоци, при што дел од нив, односно податоците за индустријата и трговијата, сигнализираат подобрување на состојбата. Анкетните истражувања укажуваат на натамошно зголемување на довербата на економските субјекти, но со одредено забавување на растот.
Во однос на инфлациските движења, расположливите податоци за февруари 2018 година покажуваат просечен годишен раст на ценовното ниво во првите два месеца од годината од 1,5%, при раст на сите компоненти, а со најголем придонес на базичната инфлација. Инфлацијата во овој период е малку пониска од проекциите, но за дел од увозните цени очекувањата се коригирани во нагорна насока. Во вакви околности, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2018 година од 2% се оценуваат како урамнотежени.
Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидносниот потенцијал на банките и натаму се зголемува, за што главно придонесе остварувањето на редовните буџетски расходи наменети за субвенционирање за земјоделското производство. Во околности на релативно слаба кредитна активност во текот на месецот и натамошен раст на ликвидноста, банките и натаму го насочуваат вишокот слободни парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, чијашто состојба на почетокот на март надмина 15 милијарди денари. Истовремено, на пазарите на пари имаше намалена побарувачка, а каматните стапки и натаму се на стабилно и непроменето ниво.
Податоците за девизните резерви во февруари покажуваат раст од почетокoт на годината, што во најголем дел се должи на трансакциите за сметка на државата како резултат на издавањето на шестата еврообврзница на меѓународните финансиски пазари. Девизниот пазар е стабилен, без притисоци врз побарувачката на девизи. Поместувањата кај девизните резерви главно се во рамки на очекувањата, при што показателите на адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Од показателите од надворешниот сектор, за почетокот на 2018 година достапни се податоците за трговската размена, коишто посочуваат на можност за малку поголем трговски дефицит од проектираниот.
Накратко, на девизниот пазар се забележуваат релативно поволни движења карактеризирани со умерено пониска нето-продажба на девизи на банките за нивните клиенти, во споредба со истиот период минатата година. Притоа, во февруари, клиентите имаа урамнотежена понуда и побарувачка за девизи, што овозможи стабилизирање на девизната ликвидност на банките и отсуство на интервенции на Народната банка на девизниот пазар. Релативно поволните движења на девизниот пазар во најголем дел беа резултат на подобрите остварувања во трансакциите со компаниите, коишто втор месец по ред имаа значителен раст на понудата, а зголемена понуда имаше и во трансакциите со менувачниците.
Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада од февруари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери во согласност со проектираните за првиот квартал од 2018 година. Сепак, периодот на оцена е премногу кус за да се дадат посигурни констатации. Податоците за билансот на плаќања за 2017 година ги потврдија констатациите за умерен дефицит во тековната сметка (1,3% од БДП), којшто е помал од проектираниот, а подобри од очекуваните беа и финансиските текови за 2017 година.
Во однос на монетарните движења, првичните податоци за февруари покажуваат закрепнување на депозитната база по нејзиниот пад во јануари. Растот на депозитите во овој месец, во голема мера, е последица на повисокото штедење на домаќинствата, но раст забележаа и корпоративните депозити. Остварувањата кај депозитите на банките во овој период упатуваат на можност за повисоко ниво од проектираното за првиот квартал од 2018 година.
Одредени позитивни поместувања на месечна основа во февруари се забележуваат и на кредитниот пазар, во услови на раст на кредитирањето на домаќинствата. Засега не се очекува поголемо отстапување на кредитните агрегати од проекцијата за првото тримесечје на 2018 година. Согласно со резултатите од Анкетата за кредитната активност, банките и за првиот квартал од годината очекуваат натамошно олеснување на вкупните кредитни услови и раст на побарувачката на кредити кај двата сектора.
На почетокот на февруари, при засилени очекувања за инфлациски притисоци во американската економија, дојде до позначителна надолна корекција на цените на акциите на пазарот на капитал. Сепак, до крајот на месецот во услови на зголемена склоност кон преземање ризик дојде до зголемување на цените на акциите, придонесувајќи за стабилизирање на ценовните движења на пазарот на капитал. Американскиот долар на месечна основа забележа апрецијација, што делумно се поврзува со сведочењето на новиот гувернер на ФЕД, Џером Пауел, којшто посочи дека американската економија има солидни остварувања коишто создаваат услови за посилна монетарна реакција преку зголемување на каматните стапки во наредниот период. Исто така, за пониската вредност на еврото на месечна основа придонесе и неизвесноста во однос на резултатот од парламентарните избори во Италија и политичките случувања во Германија. На почетокот на март, се забележува засилена променливост на глобалните девизни пазари под влијание на зголемените ризици за глобалната трговија во услови на воведување протекционистички мерки во САД.
Според Народна банка, на седницата е заклучено дека тековните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици укажуваат на тоа дека постои простор за олабавување на монетарната политика. Екстерната позиција, доколку се оценува според остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, е поволна и подобра од очекувањата и покажува задржување на здравите економски основи. Воедно, дел од показателите упатуваат на понатамошно подобрување на очекувањата и довербата на економските субјекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.