Економија
НБРМ разменува искуства со експерти на ЕЦБ и ЕСЦБ за управување со податоците за статистички потреби
Народната банка на Република Македонија, во соработка со експерти од Европската централна банка и Европскиот систем на централни банки, денес организира работилница на тема „Управување со податоците за статистички потреби на централните банки и доверливост на статистичките податоци“.
„Еден од стратешките приоритети на Народната банка на Република Македонија е постојано унапредување на квалитетот на статистиката преку примена на меѓународните статистички стандарди коишто во посткризниот период ја нагласуваат потребата за обезбедување подетални, посеопфатни и пофреквентни статистички податоци, притоа водејќи сметка за известувачкиот товар на економските субјекти“, истакна гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето поздравно обраќање со коешто го отвори овој настан.
Првата сесија на работилницата ѝ беше посветена на регулативата и практиките за обезбедување рационален пристап до статистичките податоци и за заштитата на нивната доверливост во еврозоната како целина, како и во одделни земји членки на Европската Унија. Притоа, одделно внимание ѝ беше посветено на соработката меѓу Генералниот директорат за статистика на ЕЦБ и статистичката служба на Европската Унија – Евростат, како и меѓу ЕЦБ и централните банки на државите членки на ЕУ, во поглед на начинот и условите под кои се разменуваат податоците прибрани за статистички цели. Експерти од НБРМ, како и од Државниот завод за статистика и Министерството за финансии, во рамките на оваа сесија имаа можност да проследат презентации преку кои, покрај европската регулатива и искуствата на ЕЦБ, беа презентирани и искуствата на централните банки на Луксембург и на Австрија.
Втората сесија ѝ беше посветена на потребата од соодветно управување со податоците во современата организациска култура и третманот на податоците како исклучително вреден ресурс, со посебен осврт на стратегијата, организациската поставеност и практиките за управување со податоци на ЕЦБ. Одделно беа разгледани и сегашните и идните предизвици на ЕЦБ, во врска со различни процеси поврзани со обезбедување квалитет, соодветна архитектура, моделирање, чување, разменување и активно користење на податоците од страна на корисниците, при што акцентот беше ставен на специфичните потреби коишто произлегуваат од функциите на централните банки.
Во рамките и на двете сесии се водеше плодна дискусија, во која се отворија прашања клучни за натамошните активности на НБРМ сврзани со остварувањето на нејзината определба и во областа на статистиката, редовно да ги следи најновите европски и меѓународни стандарди и практики, со што прави и големи чекори по патот којшто води кон Европскиот систем на централни банки.
Во изминатиов период НБРМ организира низа семинари, работилници и предавања на актуелни теми од областа на статистиката. Оваа работилница којашто е и уште една потврда за успешната комуникација и соработка на НБРМ со ЕЦБ и ЕСЦБ е само еден од планираните настани посветени на статистика, со кои ќе се продолжи и во претстојниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.