Економија
Николовски: Почна аплицирањето за финансиска помош за плата за овчарите
Сите фармери што одгледуваат овци, кози или говеда од денеска може да аплицираат за добивање финансиска поддршка за плата на овчарите, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
„До денес, а од 1 јуни минатата година, се исплатени 36 милиони евра во сточарството. Најголемите ставки за исплати во делот на субвенции одат токму во сточарското производство. Оваа мерка, позната како плата за овчарите, значи дополнителна поддршка која ќе изнесува до 300 илјади денари, ја зголемуваме и тргаме одредени ограничувачки критериуми што постоеја во претходниот период за да може сите да аплицираат“, истакна Николовски
Финансиската поддршка, која ја предвидува оваа мерка, е во висина од 60 отсто до 100 отсто од просечната месечна нето-плата во дејноста за период од 1.11.2017 до 31.10.2018 година. Финансиската помош од 100 отсто ќе добијат фармерите што стоката ја напасуваат или чуваат на надморска височина над 700 метри, односно чии регистрирани одгледувачници се наоѓаат во населени места со надморска височина поголема од 700 метри. На сточарите со одледувачници во населени места на надморска височина под 700 метри им следува државна поддршка во висина од 60 отсто од просечната месечна нето-плата во дејноста како олеснување на трошокот за чување или напасување добиток (овци, кози, или говеда).
Право на користење на оваа финансиска поддршка имаат сите регистрирани земјоделски стопанства. Апликациите може да се поднесуваат до 21 декември 2018 година. Средствата ќе се доделуваат во сооднос едно вработено лице на 150 овци, 50 кози или 50 говеда и тие се неповратни. Бројот на вработени лица за кои е исплатена поддршката треба да биде ист во период од најмалку една година претходно. Максималниот износ на средства е до 300.000 денари од лице и за не повеќе од 20 вработени, а за над 10 вработени лица помошта се намалува 50 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работилници за одржлив туризам оваа недела во Скопје и Крушево
Одржливиот туризам се смета за суштинска и долгорочна економска исплатливост на дестинациите. Со заштита на природните и културните добра, дестинациите можат да привлечат посетители на долг рок, да ги диверзифицираат нивните туристички понуди и да ги поддржат локалните економии без да ги деградираат нивните ресурси или да го загрозат квалитетот на животот на жителите.
Градење на капацитите и зголемување на свеста за одржлив туризам со цел да се обезбедат насоки за туристичкиот сектор во нашата земја за да се зголеми нивната подготвеност за дојдовен туризам преку усвојување на одржливи практики во туризмот, е целта на трите работилници кои се организираат оваа недела во Скопје и Крушево.
Работилниците се во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Стопанската комора на Северна Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за промоција на увозот (SIPPO) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME).
Со овие активности фокусирани на одржливиот туризам, со интернационална експертиза и ресурси ќе им се помогне на бизнис организациите од областа на туризмот и приватниот туристички сектор во нашата земја, да го подобрат нивното разбирање за практиките за одржлив туризам со цел да ги интегрираат во нивните операции, преку пристап до релевантни алатки и најдобри практики од регионот и светот.
„Oдржливиот туризам е важен за одржување на деликатната рамнотежа помеѓу економскиот развој, зачувувањето на животната средина и социјалната еднаквост, поттикнувајќи одговорно патување кое им користи и на сегашните и на идните генерации. Со сѐ поголемиот притисок и новите регулаторни барања на ЕУ како и барањата од здруженијата за туризам во Европската Унија – бизнисите да усвојат одговорни практики, да се усогласат со прописите за животната средина и да се придржуваат до етичките стандарди, засегнатите страни во туристичката индустрија во сите земји сѐ повеќе ја препознаваат важноста на одржливоста во развојот на туризмот.“, изјави Даниела Михајловска Василевска, координатор на угостителство и туризам при Стопанска Комора на Северна Македонија
„Трендовите на пазарот и преференците на потрошувачите растат сѐ повеќе во делот на одржлив туризам бидејќи туристите бараат автентични, значајни искуства кои се усогласуваат со нивните вредности. Странските туристи се спремни да поддржат бизниси и дестинации кои покажуваат посветеност на одржливост, поттикнувајќи промена кон одговорни туристички практики. Одржливиот туризам може да биде и најдобрата компаративна предност на македонските дестинации во иднина, но потребна е заедничка напорна работа од страна на сите чинители во секторот и државата., истакна Влатко Сулев, претседател на здружението НАИТМ.
„Значајно е да се напомене дека неопходно е да се преземат мерки и активности кои го намалуваат загадувањето на природата, но секако и спроведување на стандарди за заштита на биодиверзитетот, животната средина и културното наследство. Особено доколку знаеме дека масовноста во туризмот носи зголемени негативни влијанија пред сѐ на животната средина. Затоа овие форми на туризам велимедека се посеопфатни, посовесни и поодговорни бидејќи нивна основна цел е да се одржи баланс помеѓу масовноста во туризмот и намалување на загадувањето и заштитата на животната средина. Токму затоа активностите на Агенцијата за туризам и во наредниот период ќе бидат насочени кон организирање на низа обуки и работилници пред сѐ наменети за туристичкото стопанство, а ќе бидат во насока на подигнување на свеста за значајноста, придобивкитеи спроведувањетона мерки за одржливост во туризмот, како и промоција на одговорното патување. Реализирањето на дополнителните работилници во текот на годината се планира да биде во рамките на дестинациите во нашата земја, но и ќе останеме отворени за соработка со странските програми, фондови и амбасади за реализација на проекти во насока на градење на одржливи дестинации.“
„За следната година се разгледуваат можностите во соработка со странските партнери за имплементација на ЕСГ стандардите во рамките на хотелиерството, која ќе овозмозможи нивна поголема конкурентност, препознатливост, транспарентност, економски развој, но и привлекување на одржливо финансирање и инвестиции.”- изјави м-р Јасмина Лескаровска, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Преку заеднички напори, бизнис организациите, приватниот сектор и државните институции е потребно да работат заеднички за промовирање на одржливиот туризам како двигател на економскиот раст, општествениотразвој и зачувувањето на животната средина во земјата.
Економија
Трипуновски: Зелката ќе остане неоткупена заради лошите политики на СДС кои наместо на извоз, се фокусираа на увоз на земјоделски производи
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на два откупни центри за зелка во Струмичкиот регион каде што во моментов актуелен е откупот на зелката.
„Откупот тече споро, има побарувања од странскиот пазар, но Министерството и Владата заради незаинтересираност не го следи процесот на откуп со што директно се оштетени земјоделците. Ова е резултат на лошите земјоделски политики на СДС кои наместо да обезбедат извоз, тие се насочија кон увоз на земјоделски производи“, изјави Трипуновски.
„Градинарите од Република Македонија пред извесен период се пожалија за ниската откупна цена на зелката која во моментов се движи околу 15-тина денари за килограм.
ВМРО-ДПМНЕ одговорно и посветено ќе работи во интерес на земјоделците, бидејќи ние навистина се грижиме за нив, тие ќе имаат сигурен партнер во новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, заврши Трипуновски.
Економија
Дизелот од полноќ поевтин за 0,50 денари, цените на бензините остануваат исти
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,38 oтсто во однос на одлуката од 8.4.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,536%, кај дизелот намалувањето е за 0,730%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,580% и кај мазутот намалувањето е за 2,057%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,362%
Од 16.4.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 86,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 88,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 77,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 77,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,302 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,871 ден/кг и сега ќе изнесува 44,302 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 16.4.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.