Економија
Николовски: Со развојни мерки ќе го сопреме падот на бројките во сточарството
Сточарството изминативе години беше запоставено и затоа овој период сме насочени кон креирање на нови мерки и политики за развој на оваа земјоделска гранка, порача на денешната средба со сточарите во Берово, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
На средбата министерот Николовски ги образложи актуелните состојби во сточарството, како и мерките на МЗШВ за поддршка на овој сектор. При тоа најави дека од следната година односно со Програмата за рурален развој 2019 година, се планира зголемување на сумата за мерката 121 „Набавка на приплоден добиток“ , од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари или околу еден милион евра. Дополнително ќе се работи на промени во Правилникот за оваа мерка со цел да биде подостапна за сточарите .
„Оваа мерка ќе придонесе обновување на генетскиот потенцијал на сточниот фонд, што ќе влијае врз зголемување на продуктивноста на сточарското производство и на севкупниот развој на оваа гранка. Падот на бројките во сточарството мора да го сопреме и потоа заеднички да со вас сточарите да работиме на соодветни мерки за развој на оваа гранка. Сметам дека е еден од најважните сектори во земјоделството и затоа во следниот период силно ќе се фокусираме на нови мерки и политики. За прв пат објавивме наменски оглас за државно земјоделско земјиште под закуп до 3 и над 3 хекатри за сточари за производство на добиточна храна, за следната година се планирани 600 илајди евра за колектори за струја на бачилата со овци, а паралелно работиме и на други мерки , како што е новиот, Законот за пасишта, измени на Законот за државно земјиште и други“, истакна министерот Николовски .
Тој додаде дека развој на сточарството е во фокус на активностите на министерството, што се гледа и по критериумите одредени за мерката „Млад земјоделец“, според кои предност имаат токму младите сточари. Паралелно, МЗШВ активно работи на изработка на нов Закон за пасишта, со што ќе им се помогне на сточарите во планирањето и организирањето на сточарското производство. Со новиот закон по речиси 20 години ќе се уреди постапката и користењето на пасиштата во државна сопственост како добро од општ интерес, на современ и транспарентен начин.
Во годинешната Програма за директни плаќања за 10 отсто е зголемена субвенција по грло за сточарите со развоен потенцијал. Исто така се воведоа нови мерки во сточарството, како што се дополлнителни директни плаќања за уматичен грло-маторица, со цел подобрување на генитскиот потeнцијал и зголемување на производството на свињите, и дополнителни директни плаќања од 30% за зголемен пријавен број на грла во основно стадо, несилки и пчелни семејства.
Освен министерот, на средбата во Берово присуствуваа и директорот за стопанисување со пасишта, Љуљзим Фејзулаи, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.