Економија
Николовски: Со формирањето на националниот Агро Совет, земјоделците директно учествуваат во носењето на одлуки
Вистинската грижа за земјоделците подразбира изнаоѓање на решенија за нивните проблеми, а најдобрите решенија се оние кои се подготвени заедно со земјоделците, слушајќи ги нивните маки и нивните предлози. Токму вака креираните мерки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) веќе го даваат вистинскиот ефект и резултати.
„ Кога го подготвуваме Националниот план за производство на храна отворивме широк консултативен процес, односно ги слушавме потребите и предлозите на земјоделците и стручната јавност. Се водевме од тоа да изнајдеме решение и да креираме мерка за секое барање и проблем кој тие го посочија. Така се подготви Националниот план, така се креираа мерките од Интервентниот фонд и затоа ефектот од овие мерки е толку голем, односно се соочуваме со рекорден интерес и апликации. Токму затоа можеме да очекуваме дури и во услови на светска криза, стабилно домашно производство на храна, но и зголемени приноси во клучните земјоделски гранки“, истакна министерот Николовски.
Сите мерки по завршување на широкиот консултативен процес, досега се подготвуваа во соработка со потсекторските групи во рамки на министерството, а во кои членуваат претставници на земјоделците и земјоделските стопанства. Еден од позитивните примери за ваквата соработка е поддршката за набавка на специјализирани комбајни за ориз и мобилни сушари за ориз, но и неодамнешното зголемување на грантот за поддршка на руралната жена од 3.000 на 6.000 евра, мерки кои се воведени по барање на земјоделците за олеснување и развој на земјоделското производство.
Со цел поголема улога на земјоделците во носењето на одлуки и креирање на мерки за финансиска поддршка повторно е формиран националниот Агро Советот, односно Советот за земјоделство и рурален развој. Со Советот раководи министерот за земјоделство, а во него членуваат претставници на земјоделците, земјоделските стопанства, земјоделските здруженија, стопанските комори, универзитетите и претседателите на потсекторските работни групи.
„ Повторното активирање на овој Совет дава уште поголема шанса на земјоделците за директно учество во креирање на политиките и мерките на министерството. Земјоделците имаат можност да одлучат за што и како ќе се распределат средствата на министерството на транспарентен и отворен начин“, посочи Николовски.
Советот за земјоделство и рурален развој ќе ја одржи својата конститутивна седница во првата половина од месец јули годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.