Економија
Николовски: 318 договори се склучуваат за јавниот повик за доделување државно земјоделско земјиште под закуп до 3 хектари
318 договори ќе се склучат за јавниот повик за давање под закуп земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари. Потпишувањето на договорите почна од денеска. На денешното потпишување министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека со овој јавен повик се доделуваат 600 хактари земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари.
За разлика од огласите во кои Министерството ги објавува расположливите парцели, со овој повик земјоделците имаа можност самоиницијативно да пројават интерес преку изготовка на геодетски елаборат и прибирање сите потребни документи пропишани со јавниот повик за земјиште за кое имаат информација дека е слободна земја.
„Ме радува што интересот за овој јавен повик беше огромен и досега ова е најголема бројка на склучени договори. Доставените понуди се однесуваат на земјоделско земјиште во државна сопственост во 33 региони во државата. Овој јавен повик се однесуваше на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до 3 хектари, кои се од 4. до 8. катастарска класа, односно парцели што се со понизок квалитет, но сепак може да се искористат за земјоделско производство. Нашата цел преку овој повик беше да го ставиме во функција целото расположливо земјоделско земјиште, вклучително и оние парцели што не се актрактивни“, изјави Николовски.
Земјиштето за кое што се склучуваат договори може да се искористи за подигање долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзорастечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам.
МЗШВ на овој начин создава поволни услови за сите земјоделци што се занимаваат со земјоделство и за оние што сакаат да го прошират своето производство или да почнат агробизнис да дојдат до земјоделско земјиште. Истовремено, преку ваквиот тип повици директно се зголемуваат обработливите земјоделски површини.
Изминатиов период се склучија и 17 договори со вкупна инвестиција од 11 милиони евра за огласот за давање под закуп државно земјоделско земјиште над 3 хектари т.н. инвестициски оглас. Вложувањата таму ќе бидат во следните пет години, а ќе се инвестира во изградба на винарници, кланици, мелници, оранжерии и откупни центри. Паралелно, МЗШВ објавува нови јавни огласи. Во моментот во владина процедура се два јавни огласа за доделување државно земјоделско земјиште под закуп до 3 и над 3 хектари и до крајот на месецот ќе бидат објавени. Воедно, се подготвува и нов инвестициски оглас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.