Економија
Нова програма за лојалност за физички лица од „Лукоил Македонија“
„Лукоил Македонија“ воведе нова програма за лојалност за физички лица наречена „Лукоил клуб“, преку која членовите на програмата за лојалност стекнуваат поени и ексклузивните бенефиции, односно своите собрани поени, може да ги претворат во гориво, да купуваат од маркетите на „Лукоил“, но и да ги искористат многубројните акциски поволности.
Поените се собираат едноставно, односно со трансакции направени на продажните места на „Лукоил Македонија“, при што секој поен има вредност од 1 денар, а корисниците, за да станат член во програмата „Лукоил клуб“, потребно е да поседуваат кориснички број од македонски мобилен оператор, на кој ќе добијат СМС со четирицифрен код, со кој ќе може да пристапат во програмата.
Со цел олеснето членство и одговарање на потребите на сите заинтересирани корисници, компанијата овозможи два начина за пристапување во програмата. Имено, за да се стане член во „Лукоил клуб“, корисниците ќе треба или да подигнат картичка „лукоил клуб“ од која било од бензинските станици со наточено гориво од најмалку 1.000 денари или, пак, да ја преземат мобилната апликација – виртуелна картичка „лукоил клуб“ од GooglePlay или AppStore со име LUKOIL CLUB MACEDONIA ,која станува активна веднаш, без услови при регистрацијата.
Оваа програма за лојалност е воведена на корпоративно ниво, а од компанијата велат дека доаѓа како резултат на нивната заложба да ги наградат своите лојални потрошувачи и да им се заблагодарат за нивната лојалност, секогаш воведувајќи нешто ново и покажувајќи континуирана грижа за нивно подобро патување.
„За нашите клиенти правни лица, веќе имаме активна програма за картички, меѓутоа отсега и нашите ценети потрошувачи физички лица може да уживаат многубројни привилегии и поволности дотолку повеќе што нашата програма за лојалност е единствена преку која со собраните поени може повторно да се купи и гориво. Верувам дека на овој начин уште еднаш го потврдуваме вреднувањето на лојалноста на нашите клиенти, но и дека самата програма претставува чекор повеќе кон исполнување на нашата стратегија да создаваме долгорочни врски со потрошувачите, секојдневно олеснувајќи им го патувањето“, изјави г. Андреј Куку, регионален управител на „Лукоил Македонија“.
Друга интересна можност за членовите на оваа програма за лојалност е тоа што во мобилната апликација може да се креира и „круг на пријатели“, односно да се додадат картички со чии сопственици може да се споделуваат поените.
Сите официјални информации поврзани со правилата и со програмата може да се најдат на интернет-страницата https://club.lukoil.com.mk, каде што членовите истовремено може да се регистрираат, да вршат проверка на состојбата на поените, да добиваат информации за тековни промоции, како и други информации од програмата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.