Економија
Новиот Opel Vivaro-e интернационално комерцијално возило за 2021
Новиот Opel Vivaro-е е избран за интернационално комерцијално возило од 24 новинари и издавачи. Ова е втор победник во рок од две години – Opel Combo ја освои наградата интернационално комерцијално возило во 2019 година.
Комплетното електрично комерцијално возило од германскиот производител на автомобили беше избрано од стручното жири составено од 24 новинари и издавачи од независни магазини за лесни комерцијални возила.
Достапна во три должини и со многу варијанти на каросеријата, електричната батерија на Vivaro-e им овозможува на професионалците да ја искористат предноста на бескомпромисната подвижност со нула емисија на CO2 до „последниот километар“. Клиентите на Vivaro-е можат да изберат помеѓу две големини на литиум-јонска батерија, во зависност од нивните потреби: од 75 kWh за опсег до 330 km или за оние кои имаат помалку интензивна дневна употреба на своето возило, од 50 kWh за повеќе од 230 km, според WLTP1.
„Ние сме многу горди што новиот Vivaro-e е избран за интернационално комерцијално возило за 2021 година“, изјави извршниот директор на Opel, Мајкл Лохшелер.
„Би сакал да им се заблагодарам на стручното жири на IVOTY за оваа награда која е најпрестижна и најпосакувана, во секторот на лесни комерцијални возила. Vivaro-e поставува нови стандарди во својот сегмент на пазарот и ја води електрификацијата во гамата на лесни комерцијални возила на Opel. Следната година ќе ја додадеме ознаката „е“ на Combo и Movano, кои ќе бидат целосно електрифицирани пред крајот на 2021 година! Денес, Opel забрзано ја електрифицира целата своја гама, со веќе достапни шест модели како електрични или хибридни. До 2024 година ќе имаме електрифицирани верзии на сите наши патнички и лесни комерцијални возила“.
Базиран на платформата на Групацијата PSA – EMP2, Vivaro-e нуди исклучително широк спектар на системи за помош при возење – како што е признато од жирито на IVOTY. Покрај head-up дисплејот, Vivaro-e има и помош за одржување на лента, проширено препознавање на сообраќајни знаци, предупредување за поспаност, предупредување за можен удар напред и автоматско сопирање во итни случаи.
Opel веќе ја освои наградата Интернационално комерцијално возилo на годината со Astra Van во 1999 година, прва генерација на Vivaro во 2002 година и Combo во 2019 година.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.