Економија
НРБМ: Отвореното банкарство ќе донесе придобивки за граѓаните и компаниите
Отвореното банкарство е една од значајните реформи и придобивки што ќе ги овозможи новиот Закон за платежните услуги и платните системи. Тоа се однесува на влез на финтек-компании, кои со согласност на клиентите на банките би пристапувале до нивните платежни сметки со цел иницирање електронски плаќања и собирање податоци за извршените трансакции поради натамошна анализа и сеопфатно и удобно информирање на клиентите. На вториот ден од 14. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура стана збор токму за отвореното банкарство како дел од дигиталната трансформација и засилената автентикација на клиентите при иницирање платежни трансакции, како и влијанието врз конкурентноста на пазарот на платежни услуги.
Странските искуства покажуваат дека отвореното банкарство создава нови можности и дизајнирани апликации што им помагаат на клиентите да ги извршуваат и следат плаќањата полесно, а за банките е можност за подобрување на својата услуга кон клиентите. Придобивките за потрошувачите се во насока на брзи и ефикасни платежни услуги, што ќе им помогнат да заштедат време и да бидат подетаљно информирани за извршените плаќања. Отвореното банкарство исто така ќе им овозможи на фирмите да управуваат полесно со своите платежни сметки користејќи уникатни производи и услуги.
Вицегувернерката Емилија Нацевска при освртот на заклучните согледувања посочи дека на национално ниво се работи на подзаконски акти со кои ќе се синхронизираат отвореноста на системите на банките, која ја носи новиот Закон за платежните услуги и платните системи, и безбедноста на платежните услуги. Имено, вицегувернерката истакна дека овој пристап носи одредени предизвици за креаторите на политиките и регулаторите, при што довербата е клучна за успешната имплементација на концептот отворено банкарство.
На панел-дискусијата „Дигитална трансформација: отворено банкарство и засилена автентикација“ учествуваа Ниликса Девлукиа, претставничка на „Пејментс солвд“, Михал Калина, претставник на „Рабобанк“ и Холандската асоцијација за плаќања, Макс Герлинг, претставник на „Каренс“, а таа беше модерирана од Горан Јанковски од Народната банка, кој е главен одговорен супервизор на информациските системи. На панелот беа разменети искуства од земји што веќе го практикуваат отвореното банкарство. Тие го споделија своето искуство за процесот на подготовка на регулативата за отворено банкарство и нејзината имплементација.
Пред панелот беше одржана презентација од страна Марк ван дер Марел од Банката на Холандија, на тема „Влијанието на Директивата за платежни услуги 2 во Холандија – на конкуренцијата, иновациите, безбедноста, потрошувачите и заштита на податоците“. Тој ги истакна придобивките за холандскиот пазар на платежни услуги како влез на нови даватели на платежни услуги, зголемена конкуренција и побрзо прифаќање на новите технологии. Исто така, посочи и на одредени предизвици во имплементацијата на концептот на отворено банкарство, кои произлегуваат од недостатокот на стандардизација на начинот на отворање на системите на банките, што ги зголемува трошоците за новите даватели на платежни услуги, на чие надминување активно се работи во Европската комисија.
Инаку, годинешната, четиринаесетта по ред конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, е посветена на новите технологии за плаќања предводени од финтек-компаниите, кои нудат широк опсег на платежни производи и услуги. Народната банка е домаќин на оваа конференција, традиционално во соработка со Банката на Холандија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.