Економија
Објавени повици за субвенции за ПВЦ-прозорци, печки на пелети и сончеви колектори
Министерот за економија, Крешник Бектеши, објави четири јавни повици, кои произлегуваат од Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2021 година.
Оваа година во рамките на оваа програма се предвидени вкупно четири мерки во вкупен износ на финансиска поддршка од 52 милиона денари, и тоа за: надоместување дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата, надоместување дел од трошоците за купување и вградување печки на пелети во домаќинствата, надоместување дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата, како и надоместување дел од трошоците за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата.
„За мерката субвенции за печки на пелети оваа година во буџетот на Министерството за економија се предвидени вкупно 14 милиони денари, при што субвенцијата изнесува 50 %, но не повеќе од 20.000 денари за домаќинство, односно до 70 %, но не повеќе од 25.000 денари за домаќинство со ниски приходи. За мерката субвенции за вградување ПВЦ-прозорци предвидени се вкупно 22 милиона денари. Финансиската поддршка изнесува до 50 %, но не повеќе од 20.000 денари за домаќинство, односно до 70 %, но не повеќе од 25.000 денари за домаќинство за лица со ниски примања“, изјави министерот Бектеши.
Како што информира Бектеши, за субвенции за вградување сончеви колектори за затоплување во домовите оваа година се наменети 8 милиони денари, а финансиската поддршка изнесува до 30 %, но не повеќе од 10.000 денари за домаќинство, односно до 70%, но не повеќе од 15.000 денари за домаќинство за лица со ниски приходи.
„За субвенции за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење се наменети 8 милиони денари, при што поддршката изнесува до 30 %, но не повеќе од 62.000 денари за домаќинство“, потенцира министерот.
Според министерот, корисници на оваа програма во категоријата лица со ниски примања се сметаат оние што се вработени со месечни приходи до 30.000 денари, пензионери со месечни нето-приходи до 20.000 денари, како и ранливите категории приматели на социјална помош, и додаде дека има и неколку новини во огласите оваа година.
„Принципот прв дојден прв услужен ќе се применува и оваа година, при што средствата од Програмата наменети за секоја мерка пооделно ќе бидат распределени според степенот на развој на секој од планските региони, со цел да се поттикне рамномерниот регионален развој. Распределбата по плански региони значи дека најмалку развиените региони во државата ќе добијат најголем дел од финансиската поддршка по сите четири мерки и обратно, најмалку средства се наменети за најразвиените региони во државата. Фискалните сметки за печките на пелети и за фотонапонските електрани ќе важат од 1 јануари 2021 година. За фотоволтаиците ќе може да се аплицира до 30.6.2021 година бидејќи е нова мерката. Другите огласи ќе важат до 31.5.2021 година, освен ако порано не бидат исцрпени средствата“, потенцира министерот Бектеши и додаде дека барателите ќе може да го дополнуваат барањето, но во таков случај го губат местото и датумот кога аплицирале и датумот на последно комплетирање на барањето ќе се смета за датум на аплицирање.
Документацијата за аплицирање за добивање овие субвенции е детаљно дефинирана во јавните огласи објавени во два дневни весника, како и на веб-страницата на Министерството за економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.