Економија
Објавен нов јавен повик од ИПАРД 2, поддршка за инвестиции во преработувачки капацитети
Објавен е новиот јавен повик за мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“, од европската ИПАРД 2 програма.
Oд Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека со овој јавен повик им се овозможува на фирмите и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање на преработувачки капацитети и опрема, при што 50 отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана, односно финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка. Притоа, 75 отсто од средствата кои ќе бидат кофинансирани ќе бидат обезбедени од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на европската унија ИПАРД 2014-2020, а 25 отсто од средствата ќе бидат кофинансирани од буџетот на Република Македонија.
„Ефикасното искористувањето на парите од ИПАРД-програмата е наш врвен приоритет, затоа што вложувањето на овие средства значи модернизирање и зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство. Нашите политики веќе даваат резултати. Само за првиот повик од ИПАРД 2 се склучени околу 940 договори во вредност од 18 милиони евра, што е и повеќе од целиот програмски период за ИПАРД 1. Затоа, со предлог-буџетот за 2019 година го зголемивме националното кофинансирање за ИПАРД од 60 милиони денари за 151 милиони денари“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Крајниот рок за поднесување на барањата е 14 јануари 2019 година, а вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик над 13,2 милиони евра.
„Со помош на оваа мерка Владата, Министерството и Агенцијата, уште еднаш потврдуваме дека силно сме фокусирани кон развој и унапредување на преработувачките капацитети во агросекторот. Само со развој на домашните земјоделски стопанства и агрокомпании може да постигнеме зголемено производство, пласман на домашниот род и девизен прилив од извозот на домашните производи“, изјави директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Оваа мерка се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко и млечни производи, месо и производи од месо вклучително јајца и живина, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, растителни производи и маснотии од животни, шира, вино и оцет, како и производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарната и секундарната биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производ.
Дополнително, финансиската поддршка се зголемува за 10 проценти доколку се работи за: инвестиции во згради/опрема чијашто намена е да се подобри енергетската ефикасност, производство на биоенергија во случај на преработка на производи, производство на енергија од други обновливи извори на енергија или третман на вода/отпадна вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.