Економија
Од вторник почнува исплатата за штедачите во Еуростандард банка
Во вторник, 15 септември 2020 година, ќе почне исплатата на обесштетувањето на осигурениот износ на депозитот на депонентите на Еуростандард банка АД во стечај до законски утврдениот максимален износ од 1.850.889 денари, информираат од Фондот за осигурување депозити.
Исплатата ќе се извршува преку четири деловни банки, и тоа на следниот начин:
Депонентите чие ПРЕЗИМЕ почнува на буквите А, Б, В, Г и Д ќе се исплаќаат во експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје на целата територија на државата.
Депонентите чие ПРЕЗИМЕ почнува на буквите Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ ќе се исплаќаат во експозитурите на НЛБ банка АД Скопје на целата територија на државата.
Депонентите чие ПРЕЗИМЕ почнува на буквите М, Н, Њ, О, П и Р ќе се исплаќаат во експозитурите на Стопанска банка АД Скопје на целата територија на државата.
Депонентите чие ПРЕЗИМЕ почнува на буквите С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш ќе се исплаќаат во експозитурите на Халкбанк АД Скопје на целата територија на државата.
Депонентите – самостојни вршители на дејност со личен труд, кои во Еуростандард банка АД Скопје во стечај биле регистрирани како ТП (трговци поединци) или Адвокат – име и презиме или Извршител – име и презиме или со назив на дејноста, на пример, месарница, своето обесштетување ќе го подигнат според првата буква од називот.
Тие, покрај документ за идентификација (лична карта, пасош), потребно е да приложат доказ за регистрација на стопанската дејност (тековна состојба).
Пример: Адвокат Петар Петровски се смета за депонент чиј назив почнува со буквата А.
Пример: ТП Петар Петров се смета за депонент чиј назив почнува со буквата Т.
Потврдите за сопственост на депозитот ќе се издаваат директно во банките исплатувачи кога депонентот ќе дојде во банката да го оствари правото на обесштетување. За да се оствари правото на исплата на обесштетувањето, депонентот мора да ја подигне и потпише потврдата на шалтер во банката исплатувач каде што е распределен за подигнување на средствата.
Банките исплатувачи ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во потврдата, со приложување важечки документи за идентификација.
Полномоштвата/овластувањата, кои депонентите веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници/овластени лица за депозитот во Еуростандард банка АД Скопје, ќе важат и при исплата на обесштетувањето во банките исплатувачи и нема потреба да издаваат нови полномоштва/овластувања за оваа намена.
Во случај на спреченост депонентот лично да го оствари своето право на обесштетување банките исплатувачи ќе вршат исплата на средствата и на лице овластено врз основа на полномоштво заверено од нотар.
Во случај кога сопственикот на депозитот е починато лице, неговите наследници треба да се обратат во Фондот за осигурување депозити и да приложат документи за идентификација и наследно решение со цел да се спроведе исплатата на обесштетувањето.
Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот, што се предмет на обесштетување, се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.
Во случај депонентот да има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциските сметки, банката исплатувач независно од износот на обесштетување нема да изврши готoвинска исплата на средствата за обесштетување и ќе отвори трансакциска сметка на име на депонентот на која ќе изврши пренос на средствата за обесштетување.
Секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, односно 3 години од денот на почеток на исплатата, за кога ќе биде во можност да го оствари своето право на обесштетување во банките исплатувачи.
По истекот на овој временски период (3 години), депонентите, односно нивните наследници, кои од разни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување депозити, кој ќе обезбеди обесштетување независно од тоа кога депонентот ќе достави барање за остварување на своето право на обесштетување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.
Економија
Народна банка: Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 отсто
На 16 април 2024 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше оценето дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, извести Народната банка.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии. Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4% на годишно ниво (3% во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.287,1 милион евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка, при умерено намалена нето-побарувачка од корпоративниот сектор и натамошен висок прилив на девизи на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во првите два месеца од 2024 година е малку повисок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното. Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на годишен раст кај индустриското производство и угостителството, при мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија и кај градежништвото. Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март 2024 година, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата. Од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.
Сѐ на сѐ, амбиентот за водење на монетарната политика е умерено поповолен од очекувањата. Сепак, ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, соопшти НБ.