Економија
Од утре нови процедури за влез и излез од земјата за транспортните компании
Транспортот на стока се нормализира, воведени се и нови процедури за превоз на стока како во домашниот така и во меѓународниот транспорт согласно настанатата состојба, информираа денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
Сугарески рече дека е постигнат договор со сите надлежни институции за тоа дека секоја транспортна компанија за влез и излез од земјата од утре мора да поседува дозвола што се однесува на професионални возачи на товарни возила, а која ќе ја издава Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
„Овие нови процедури се воведуваат за непречено одвивање на меѓународниот транспорт на стока. За да нема застој, ги упатуваме транспортните компании дозволите да ги вадат и преку Асоцијациите на транспортери. Исто така утврдени се и нови процедури за постапување во синџирот на утовар-растовар и превоз на стока во внатрешниот сообраќај. Овие процедури се однесуваат на работењето на магацинските делови за прием и испорака на стока, на царинските и граничните премини, на шпедитерските услуги и директно на возачите кои го вршат превозот на стока во внатрешниот и меѓународен сообраќај”, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Министерот потенцираше дека на компаниите на располагање им стои и целиот капацитет на железнички транспорт. Тој информираше дека запазени се сите мерки и ограничувања во делот на превозот на патници.
Во однос на градежниот сектор, министерот истакна дека се очекува намалување на градежната активност поради настаната состојба, но и дека нема голем застој во реализација на капиталните проекти.
Директорот на Царинската управа информираше дека движењето на стока продолжува непречено да се спроведува и дека се преземени сите мерки за олеснување на царинските постапки.
„Имено, за времетраење на полицискиот час дозволено е движење на транспортни средства во рамките на транзитна постапка со транзитен придружен документ Т1, извоз на стоки со извозен придружен документ EXMK, како и заедничко извозно-транзитна постапка. Превозниците кои се движат во рамките на поедноставена постапка во транзит и поедноставена постапка, при локално царинење увоз не смеат во никој случај да ја напуштат одобрената локација за времетраење на полицискиот час. Ова ослободување од ограничување важи за царинските подружници: Табановце, Блаце, Деве Баир, Ќафасан, Делчево, Ново Село, Богородица и Меџитлија. Во рамки на ЦЕФТА, заедно со Транспортниот секретаријат на ЕУ и Европската комисија се договараат протоколи за лесно и безбедно движење на стоките. Договорено е воведување на размена на информации пред пристигнување и соодветно зелен и син канал за побрз проток на определени стоки и олеснување на транспорт”, изјави директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
Тој истакна дека како дополнителни мерки за олеснување на царинското работење по предлог на Министерството за економија и на Царинската управа ќе се донесе одлука за ослободување на плаќање на царина за средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици, заштитни очила, медицинска опрема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.