Економија
ОЕЦД-извештај за Западен Балкан: Македонија со најдобра бизнис-клима во регионот
Република Северна Македонија има најповолна бизнис-клима во регионот, а исто така во однос на другите земји има помалку фискални ризици. Ова се главните поенти за нашата земја во извештајот на ОЕЦД за Западен Балкан со наслов Government at a glance: Western Balkans 2020. Во извештајот се нотира дека земјава е регионален лидер во обезбедување поволна бизнис-клима и има подобри резултати во однос на просекот на земјите од ОЕЦД и од просекот на земјите на ОЕЦД кои членки на ЕУ.
Исто така, се наведува дека од сите земји од Западен Балкан многу поретко се вклучуваат во дијалог со проватниот сектор, со исклучок на Република Северна Македонија, која одржува дијалози на редовна основа.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, денеска учествуваше на онлајн-промоцијата на извештајот, кој се изработува првпат од ОЕЦД и содржи над 40 индикатори, кои се однесуваат на јавна администрација, јавни финансии, буџетски пракси и процедури, јавни набавки, дигитална влада итн. Ангеловска посочи дека земјата ја дочека кризата со здрав финансиски систем и стабилизиран државен долг, понизок 10-процентни поени во однос на просекот на земјите од регионот, како и дека, покрај кризата, се работи на реформите согласно стратегијата за реформи во јавните финансии. Таа посочи и дека мерките за справувањето со Ковид-19 се дизајнирале многу внимателно, таргетирано и со јасни цели и очекувани ефекти за да го дадат максималниот ефект со ограничените ресурси водејќи сметка за фискалниот простор.
„Дизајниравме 3 обемни пакети антикризни мерки, кои вклучуваат даночни олеснувања, субвенции на плати, ваучери и платежни картички, кои ја поддржуваат приватната потрошувачка, финансиска поддршка за инвестициите и конкуретноста итн.. Овие мерки играа значајна улога во справувањето со кризата, а повторно успеавме да задржиме фискален простор доколку треба за дополнителни интервенции“, рече Ангеловска.
Таа истакна дека во меѓувреме Министерството за финансии има значаен прогрес во зајакнување на транспареноста преку новите алатки што беа објавени во изминатиот период, како и во подготовката на новиот закон за буџети и техничката спецификација на интегрираниот систем на управување со јавни финансии, кој ќе воведе целосно реформирање и модернизирање на процесите во управувањето со јавните финансии.
На презентацијата учествуваше и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, како и министри за финансии од другите земји опфатени со извештајот, преставници од Директоратот за проширување на Европската Унија, како и други високи претстваници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.