Економија
Освежување на знаменосецот „шкода суперб“
Нов дизајн и нова технологија за „шкода суперб“: три и пол години по лансирањето на третата генерација, знаменосецот на чешкиот бренд е сеопфатно модернизиран.
Уште повеќе, врвниот модел на „Шкода“ за првпат е достапен како SUPERB SCOUT, а до крајот на годината ќе биде воведен и хибриден SUPERB iV. Технолошкиот напредок, како што се LED-предните светла со матрица и уште поширок спектар на иновативни системи за помош, го прават „шкода суперб“ еден од најбезбедните и најудобни автомобили во својот сегмент. Во однос на просторноста, тој претставува репер за автомобилите во класата.
„Шкода“ дополнително го подобри SUPERB и SUPERB COMBI, ажурирајќи го својот предводник со нови технологии и уште пософистициран ентериер. Во пролетта 2019 година, третата генерација SUPERB, која беше воведена во 2015 година, ја надмина бројката на произведени 500.000 единици. SUPERB COMBI учествува со околу 54% од моделот SUPERB продадени во Европа.
„Шкода суперб“ постигнува значаен успех во класата, уживајќи во широка база на клиенти благодарение на многуте паметни решенија и придобивки кои ги нуди моделот. Она што семејствата најмногу го сакаат кај „шкода суперб“ е неговата просторност, разновидност и исклучителна вредност за парите. Новиот SUPERB SCOUT допира до клиентите фокусирани на мултифункционалност и модерен начин на живот, а во исто време привлекува и нови групи купувачи.
Целосните LED Matrix светла за првпат се достапни во понудата кај SUPERB. Опционалните LED-задни светла сега вклучуваат и динамични индикатори. Новите системи за помош, како што се адаптивниот темпомат и системот за странична помош – која работи на оддалеченост од 70 метри – го зголемуваат високото ниво на безбедност на семејството SUPERB уште повеќе. Помошта при итни случаеви, системот за следење на коловозна лента и “Front Assist” системот за итно сопирање со предвидлива заштита на пешаците, исто така, се нови технологии во понудата.
Следејќи ги стапките на оригиналниот SUPERB, кој беше произведен помеѓу 1934 и 1949 година, ерата на современиот SUPERB започна во 2001 година и продолжи до 2008 година со својата втора генерација. Третата генерација го имаше своето деби во 2015 година; „Шкода“ достигна до продажба на еден милион возила SUPERB, произведени ширум светот, во април 2017 година.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.