Економија
Османи со економските советници во посета на општините
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со економските советници, кои во рамките на економската дипломатија се назначени да отпатуваат за Вашрава, (Вишеградската група), Минхен (Германија и Австрија), Анкара за Турција и Абу Даби заОАЕ и другите земји од Заливот, денес ја посети општина Тетово. Освен претставниците на локаната власт, беше остварена посета и на слободната економска зона во Тетово, фабриката за млеко и млечни производи „Алпи Милк“ како и други места со економски и туристички потенцијал.
„ Преку оваа посета ги разгледавме можностите, потенцијалите но и потребите кои ги има локалната власт за да можеме преку економската дипломатија и преку економските советници да придонесеме за понатамошен развој и привлекување на инвестиции, зголемување на извозот и промоција на туризмот“, истакна Министерот Османи, додавајќи дека во последните години општините имаат зголемени надлежности, особено во управувањето со државното земјиште и затоа е потребна поблиска меѓусебна соработка која ќе придонесе за поголема промоција на локалните потенцијали. Османи посочи на поширокиот план за посети од страна на претставниците на економската дипломатија на повеќе поголеми општини.
Покрај денешната посета на Тетово, слични посети веќе се предвидени во повеќето поголеми градови на земјата, продолжувајќи со Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Крушево, Кавадарци, Штип, Виница, Берово, Струмица, Дојран и Гевгелија. Целта на овие посети и среди е економските советници да стекнат поблизок однос со регионалните бизнис потреби, да добијат попрецизна слика за потребите на општините, да се запознаат одблиску со нивните капацитети за зголемување на извозот, можностите за странски инвестиции како и развој на туризмот.
Инаку, економските советници досега следеа три фази на подготовка и ова е последната фаза. Првично имаа подготовки во рамките Министерството за надворешни работи, потоа ги посетија и имаа консултации со сите релевантни министерства и институции поврзани со економијата на централно ниво, а во третата фаза имаа теоретски предавања од еминентни професори по економија. Оваа последната фаза предвидува посета на општините и запознавање со можностите и потребите на локалната самоуправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.