Економија
(Видео) Петров: Голем интерес од компаниите за финансиска помош од 14.500, следува нов пакет за помош
Заклучно со 7 мај, од одобрените 631 кредитна апликација за бескаматната линија „Ковид 1“ од 4,7 милиони евра, исплатени се вкупно 2,2 милиона евра за 257 компании што вработуваат 3.006 лица, односно 41 отсто од одобрените пријави, изјави потпретседателот на СДСМ, Коста Петров.
„Од првата група одобрени кредитни апликации, што Владата ја одобри на 8 април за 136 компании со 1.737 вработени, исплатени се 93 отсто од пријавените. Од втората група одобрени апликации, што Владата ја одобри на седница на 14 април за 118 компании со 1.116 вработени, исплатени се 89 отсто од компаниите. Третата група кредитни апликации, што Владата ја одобри на 28 април за 377 компании со 2.735 вработени, исплатени се 7 отсто од компаниите. Исплатата на компаниите се прави редовно, секој работен ден, како што се завршуваат административните процедури, почнувајќи од 15 април кога се исплатија првите средства од оваа кредитна линија.
Тој додаде дека за бескаматната кредитна линија „Ковид 2“ од 8 милиони евра, која беше отворена и за која пријавите сè уште се во тек, веќе аплицирале над 2.400 компании. За финансиската поддршка од 14.500 денари за вработен, за која работодавците можеа да аплицираат до 7 мај, за април поднесени се вкупно 23.861 барање, а се однесуваат за 21.542 компании.
За оваа мерка аплицирале и 6.000 самостојни вршители на дејност или повеќе од 45 отсто од регистрираните. Овие бројки кажуваат дека секоја трета компанија аплицирала за финансиска помош до 14.500 денари за исплата на плата за вработен.
Економскиот совет на СДСМ, вели Петров, во моментот работи и на нов пакет-мерки за директна поддршка за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка.
„Веќе гледаме како некои индустрии се добри примери, кои видоа можности и ги искористија во оваа криза. Текстилните компании направија брза адаптација, па, така, извозот на маски, скафандри и друга заштитна опрема е речиси 300 отсто поголем во однос на април минатата година – во април 2020 изнесува 390 милиони денари, а во април 2019 изнесува 135 милиони денари.
Истото тоа го гледаме и во земјоделството, каде што имаме зголемен извоз на раноградинарски култури.
СДСМ покажа дека нашите мерки носеле и ќе носат резултати. За тоа зборуваат и проекциите од Светската банка, според кои се проценува дека Северна Македонија најдобро ќе се справи со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот“, нагласи потпретседателот на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.