Економија
Пиварци и пријателите исчистија неколку километри од кејот на Вардар
Во најновата екоакција, што се спроведе во рамките на повеќегодишната платформа „Рециклирате ли!?“, волонтерите на „Пивара Скопје“ исчистија неколку километри од кејот на реката Вардар во скопските општини Аеродром и Гази Баба. Притоа беше собран целиот сув отпад од патеките и бреговите на двете страни на реката, кој понатаму ќе биде соодветно селектиран и рециклиран.
Како и на претходните така и во оваа волонтерска еко-акција на Пивара Скопје активно се вклучија амбасадорите на Холандија, Велика Британија и САД, со членови на персоналот на амбасадите, а овој пат засилување пристигна и од волонтерите од СОС Детско село и Стопанската комора на северозападна Македонија. Акцијата ја поздрави и градоначалникот на Гази Баба. Традиционално, целокупната логистичка поддршка при транспортот, селектирањето и рециклирањето на собраниот отпад во акцијата ја даде Пакомак. За вадењето на отпадот од реката се погрижија нуркачите од спелеолошкото друштво „Врело“.
„Пивара Скопје посветено работи на остварување на поставените цели и своите заложби за ‘Свет без отпад’. Оваа еко-акција, како и претходните, покажуваат дека како компанија, но и како поединци, сме подготвени да одвоиме средства и дел од своето своето работно време, за да придонесеме во остварување на тие заложби. Ме радува што со секоја нова волонтерска акција бројот на нашите партнери кои ги делат истите вредности и кои нѐ поддржуваат во оваа наша мисија, постојано се зголемува“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин. „Со ваквите волонтерски активности кои ги организираме заедно со нашите партнери, сакаме да упатиме јасна порака и апел до целата заедница дека сите треба да го преземат својот дел од одговорноста и повеќе да се ангажираат во решавањето на проблемот со загадувањето, со што ќе создадеме одржлива иднина за нас и за идните генерации“, потенцираше Тимотин.
Платформата „Рециклирате ли!?“, наменета за подигнување на јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпадот, започна да се реализира во 2016-та година, со организација на првата еко-акција за чистење на кејот на реката Вардар, а продолжи и во наредните две години, со втората еко-акција за чистење на кејот и водите на Вардар, како и чистење на околината и водите на езерото Матка. Во овие акции беа собрани вкупно над 30m³ отпад, за што беа вложени над 300 часови волонтерска работа. Минатата година беше организирана и волонтерска активност за подигнување на јавната свест за замена на неразградливите пластични кеси со алтернативни решенија кои не ја загадуваат животната средина, а беше спроведен и едукативен караван со кој беа опфатени над 10.000 основци.
За извршниот директор на Пакомак, специјализирана компанија за управување со отпад од пакување која е партнер на Пивара Скопје во сите вакви акции, одговорноста и обврските за решавање на предизвиците поврзани со заштитата на животната средина треба да бидат рамномерно распределени на сите засегнати субјекти во општеството.
„Уште од нашето основање, па сѐ до денеска, благодарение на финансиите и поддршката од нашите основачи, како Пивара Скопје и другите наши членови, успешно ги исполнуваме и ги надминуваме еколошките цели и таргети за собирање и правилен третман на отпадот од пакување што ги одредува државата. Но, постојат компании и субјекти кои пласираат различна амбалажа на пазарот и генерираат отпад, а не учествуваат во финансирањето на системите за негово собирање и рециклирање, ниту ѝ плаќаат на државата за тоа, со што директно го оштетуваат буџетот и животната средина. Ова е проблем кој мора соодветно да се адресира и да се решава“, изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Следејќи го глобалното лидерство на групацијата Coca-Cola HBC во доменот на одржливиот развој, како и практиките за одржливост на HEINEKEN, „Пивара Скопје“ континуирано вложува и спроведува практики што придонесуваат за почиста животна средина, како што е употребата на амбалажа која целосно може да се рециклира, примена на мерки за заштеда на вода и енергија, како и за намалување на сите емисии од прозводството, вклучувајќи го и соодветниот третман и реупотреба на водата што се користи во производствениот процес. Како еден од основачите на „Пакомак“, „Пивара Скопје“ постојано вложува и во ефикасноста на системот за собирање и рециклирање на целокупниот отпад од пакување во земјата.
За предводничката улога во доменот на одржливиот развој и евидентните резултати во заштита на животната средина, „Пивара Скопје“ има добиено голем број домашни и меѓународни признанија, меѓу кои и годинешната награда „Предводници на целите за одржлив развој“ на Обединетите нации, што се доделува во рамките на проектот „Градење меѓусекторски партнерства за одржлив развој“, кој е финансиран од Европската Унија, а го спроведува граѓанската организацијата „Конект“.
За повеќе информации, посетете ја страницата „Полна чаша“ на www.polnacasa.mk
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.