Економија
Повик за апликации – до десет илјади евра неповратни средства за младите земјоделци
Сите млади земјоделци кои имаат до 40 години и се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, во согласност со Законот за руралниот развој, од денеска до 19 октомври ќе може да аплицираат за добивање средства за млад земјоделец од Програмата за рурален развој. Максималната прифатлива инвестициja изнесува 600.000,00 денари или 10 илјади евра, а средствата може да се користат за почнување земјоделска дејност, односно за инвестиции во опрема за преработка на земјоделските производи и производи од животинско потекло, како и за отворање сопствен агробизнис.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, вели: „Средствата се доделуват за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво во најмногу три рати. Поддршката е условена со задолжително исполнување на предвидените активности од деловниот план, a еден од условите за добивање овие средства е апликантот да не е постар од 40 години. Сите заинтересирни барањата може да ги достаават електронски по извршената регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk“.
Оваа мерка за поддршка на младите земјоделци, која се реализира преку Програмата за рурален развој за 2018 година, има промени во критериумите, целта е, како што истакна Бабовски, да им се даде шанса на младите невработени земјоделци.
Најмногу бодови при аплицирањето ќе добијат младите што се невработени повеќе од две години, како и млади членови на земјоделски задруги. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу 2 барања по различни мерки. Барателите на финансиска поддршка потребно е да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за локација на инвестицијата и електронски да ги прикачат документите (понуда/профактура за предложената инвестиција и деловен план изготвен во согласност со предвидениот образец „Деловен план за мерка 112“).
Барателите што ги исполниле условите за користење средства за мерките 112 се рангираат со бодирање утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој. Барањата со ист број бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барањето на e-baranje.ipardpa.gov.mk
Барањата што не се поднесени електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk нема да се разгледуваат.
Електронски пополнетите барања за финансиска поддршка потребно е да се преземат, испечатат и потпишеаат и заедно со целокупната придружна документација да се достават до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во затворен коверт, на кој на предната страна во горниот лев агол стои: „Барање за финансиска поддршка и архивски број на барањето (0518-12116-ХХХХ/1)“. Барањето може да се достави по препорачана пошта или лично во писарницата на Агенцијата, во спротивно Агенцијата не презема одговорност за ненавремено и некомплетно пристигнување во писарницата или предвремено отворање на барањето.
Минатата година Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој склучи договори со 424 млади земјоделци во износ над 4 милиони евра. Веќе на терен се гледаат успешни приказни. Младите се иднината на оваа земја, токму тие треба да ги движат економијата и домашниот агросектор, порача директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.