Економија
Поголеми плати и колективен договор за вработените во „Фени“ по завршување на стечајот
Договори на неопределено време и повисоки плати за вработените на „Фени“ од Кавадарци по целосното завршувањето на стечајната постапка, најавува Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР). Од „Фени“ велат дека просекот на плати е зголемен, но поради стечајната постапка, тие добиваат договори на определено сè додека не заврши стечајната постапка.
СИЕР чека и формално да заврши стечајот за „Фени“ за да ги почне преговорите во корист на вработените.
„Од името на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија, може да изразам задоволство по усвојувањето на планот за реорганизација за ‘Фени индустри’. Платите на вработените од месец на месец се зголемуваат. Ние редовно се сретнуваме со раководството на ‘Фени’. Сепак, ‘Фени’ сè уште се води како во стечај и судот треба да ја потврди одлуката. Тоа е единствената пречка за да почнеме со преговорите за колективен договор и другите бенефиции за вработените. Сè додека не излезе и формално од стечај, ние сме ограничени, а вработените го очекуваат тоа од нас“, вели Пеце Ристески, претседател на СИЕР.
Планот за реорганизација на „Фени“ како позитивен и перспективен беше изгласан и прифатен со 98-отстотно мнозинство од Собранието на доверителите. Прифаќањето на планот беше еден од чекорите за излегувањето на „Фени индустри“ од стечајот и завршување на неизвесноста за опстојување на комбинатот.
„Планот, кој е поднесен од ‘ГСОЛ/Еуроникел’ предвидува иднина и перспектива за комбинатот, поткрепена од крупни инвестициски потфати. Реорганизацијата со инвестициските планови ќе донесе зголемување на производните капацитети, нови вработувања, рестартирање на втората производна линија, пазарна експанзија и зголемување на извозните можности. ГСОЛ покажа сериозност во целиот процес преку откуп на сите побарувања во целост. Менаџерскиот тим, предводен од Герасим Кујунџиев и Андреас Цагарис, посочен во планот за реорганизација досега на терен покажа одлични резултати. Реализирање на планот за реорганизација на ‘Фени’ има позитивни импликации за целиот Кавадаречки Регион, но и за македонската економија. Покрај редовните плати на повеќе од 800 вработени и тековно зголемување на нивниот број, ‘Фени’ соработува со приближно 200 компании од Кавадарци и околината, а базата на доставувачи на ‘Фени’ вклучува над 1.000 домашни компании, чие успешно опстојување е директно поврзано со работењето на комбинатот“, велат од „Фени“.
ГСОЛ преку македонскиот претставник „Еуроникел“ досега инвестирал повеќе од 80 милиони евра во „Фени“. Инвестицијата од ГСОЛ почна со договорот за производство на никел, со кој се рестартира производството. Оттогаш досега се произведени повеќе од 7.000 тони никел, што е повеќе од целото производството во 2017 година, а до крајот на годината „Еуроникел“ очекува да го надмине производството од 10.000 тони, колку што се произвело во 2016 година.
„Извозот продолжува, ангажирани се 200 локални компании што превезуваат од пристаништето во Солун и од Албанија руда потребна за преработка за редовно функционирање на комбинатот земајќи предвид дека ‘Фени’ нема свои ресурси, сè увезува од меѓународни рудници“, велат од комбинатот.
„Фени“ отиде во стечај со долг од 67 милиони евра и повеќе од 250 кредитори, чии побарувања останаа неплатени. Во текот на стечајната постапка, преку оглас за користење на производните капацитети, фабриката повторно почна со работа. Заинтересираните инвеститори имаа можност да ги откупат долговите на „Фени“. Тоа го стори интернационалниот ГСОЛ, кој со откупот на долговите стана најголем доверител на кавадаречката компанија, а по одлука на Собранието на доверителите и идниот сопственик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.