Економија
Почна наградната игра „Мој ДДВ #MojaНаграда“
Од денес со скенирање на секоја фискална сметка преку апликацијата МојДДВ, секој полнолетен граѓанин е потенцијален добитник на една од 3.852 награди во вкупен износ од половина милион евра. Секој ден се скенира за 10 дневни награди – 4 од 1.000, 3 од 2.000 денари и 3 од 3.000 денари. Недобитните сметки од дневниот циклус добиваат сериски броеви кои ќе влезат во месечниот циклус за 15 награди од по 100.000 денари, како и за двете премии од 3.000.000 денари.
Наградната игра ќе трае една година. Предвидени се 1.468 награди од по 1.000 денари, 1.101 награда од по 2.000 денари, 1.101 награда од 3.000 денари, 180 награди по 100.000 денари и две главни премии од по 3.000.000 денари.
За да учествува во наградната игра, лицето треба да е регистрирано на системот е-Персонален данок, да е корисник на апликацијата МојДДВ, како и да ги прифати условите за учество во МојДДВ #МојаНаграда.
Извлекувањето на дневните награди ќе се извршува со електронски генератор по случаен избор. Добитниците на дневни награди ќе добијат известување веднаш по скенирање на сметката. Сите недобитни пак, ќе добијат порака со едукативно-информативна содржина. Исто така, недобитните скенирани сметки добиваат сериски број со кој учествуваат во извлекувањата во тековното коло за 15 награди од 100.000 денари, како и за двете главни премии.
Извлекувањето на наградите од по 100.000 денари и премиите од 3 милиони денари ќе се одвиваат во живо од студиото каде се одвива Лото извлекувањето веднаш по извлекувањето на Лото 7 и Џокер. Првото извлекување за 15 награди од по 100.000 денари ќе биде на 4 јануари 2020.
За сите дополнителни прашања граѓаните можат да се обратат до контакт центарот на Државна лотарија, или страната loto.mk/MojaNagrada.
Од денеска граѓаните кои скенираат фискални сметки ќе имаат трикратна корист: можност за добивање на една од паричните награди до 3.000.000 денари, второ поврат на ДДВ и трето ќе придонесуваат во борбата против сивата економија. При презентација на наградната игра министерката за финансии Нина Ангеловска посочи дека МојДДВ #МојаНаграда е креирана по најдобри практики на наградни игри во други земји за адресирање на сива економија. Со наградната игра граѓаните добиваат мотивација плус да бараат и скенираат фискални сметки и со тоа да влијаат на намалување на даночната евазија која е штетна за економијата .„Единствено кога губи сивата економија, добиваат сите“, рече Ангеловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.