Економија
Прв месечен раст на буџетските приходи во јули од почетокот на ковид-кризата
Во јули се забележува прв месечен раст на приходите во буџетот од почетокот на ковид-кризата, со месечен раст од 1,4 % во однос на лани. Ова се должи на растот на придонесите, но и на повеќе видови даноци, соопшти Министерството за финансии.
По реализацијата во јуни, која бележеше значително подобра наплата на приходите од април и мај, по олабавување на рестрикциите и реотварање на економијата, резултатите за јули укажуваат дека ревитализацијата на економијата се одвива со добра динамика.
Вкупната наплата на приходи во јули изнесува 17,9 милијарди денари. Даночните приходи се наплатени во износ од 10,2 милијарди денари или 1,7 % помалку од лани. Данокот на додадена вредност првпат од почетокот на кризата забележува раст во однос на минатата година од 1,2 %, што следува по падот во јуни од 7,5 % и високиот пад во мај и април од -33 и -43,5 % респективно. Се забележува и висок раст на увозните давачки од 18,3 %, понатаму раст на персоналниот данок од 0,4 %, а помала наплата има кај акцизите и данокот на добивка.
Придонесите забележуваат раст од 11,9 % во однос на истиот месец лани, со што продолжува добриот тренд на наплата на продонесите од јуни, кога беше забележана иста стапка на раст од 12,3 %. Растот на придонесите во време на криза во голема мера може да се препише на мерките што ги презеде Владата, односно поддршката од 14.500 ден за вработен заради исплата на платите за април, мај и за јуни.
Заедно со јули, кумулативно од почетокот на годината, падот на приходите во однос на минатата година е намален на -7,4 %, а заклучно со првото полугодие кумулативно изнесуваше 9 % во однос на лани. Даночните приходи сега бележат пад од 11,3 % кумулативно, а заклучно со првото полугодие бележат пад од 13 % во однос на лани.
Придонесите бележат раст од 8,6 % во однос на истиот период лани, а заклучно со првото полугодие бележеа раст од 8 %. Ова е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување на работните места во борба против ковид-кризата даваат резултати.
Расходната страна заклучно со јули бележи раст од 11,6 % на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба против ковид-кризата. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од ковид-кризата во износ од речиси 6,9 милијарди денари. Исто така, и капиталните расходи се повисоки за 14,4 % во однос на лани.
Дефицитот, заклучно со јули, е реализиран 4,76 % од БДП и е во согласност со планираната динамика со ребалансот.
„И покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија во услови на справување со ковид-кризата, извршувањето на буџетот се одвива според планот. По реализацијата на вкупните приходи во јуни, кои изнесуваа – 9,6 %, во споредба со лани кога рестриктивните мерки почнаа да се олабавуваат и економската активност да заживува, позитивната реализација во јули со раст од 1,4 % говори дека заживувањето се одвива со добра динамика. Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на буџетот, без застој, во законски утврдените рокови, односно вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарувања кон буџетските корисници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на данокот. Тука се и мерките против Ковид-19, поддршката што државата им ја дава на граѓаните и фирмите во согласност со можностите – преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Очекувањата се дека во третиот и четвриот квартал од годината постепеното закрепнување на домашната економија и заживувањето на економската активност ќе продолжи со засилено темпо. Со оглед на непредвидливоста што ја носи оваа пандемија, финансирањето на буџетот е обезбедено и во случај на евенутален втор бран“, вели министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Министерството за финансии во насока на поголема транспарентност, од почетокот на ковид-кризата порано го објавува месечното извршување на буџетот, односно, наместо на крајот на месецот, се известува на почетокот на месецот за реализацијата на буџетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.