Економија
Прилепските земјоделци заинтересирани за ИПАРД 2 програмата
ИПАРД 2 програмата во среда, беше презентирана пред прилепските земјоделци од страна на претставници на Министерството за земјоделство во соработка со Агенцијата за поддршка на руралниот развој, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Општина Прилеп и Центарот за развој на пелагонискиот – плански регион.
ИПАРД 2 програмата во однос на ИПАРД 1 има одредени измени, особено во делот на растителното производство каде што е внесено и поледелството како можност за инвестиции.
„Такашто сега се надеваме дека во овој ИПАРД 2 ќе имаме многу повеќе барања отколку во претходниот ИПАРД затоа што во минатото беа лимитирани поледелските култури. Исто така живинарските фарми со конзумно јајце не беа внесени во минатиот ИПАРД, сега и тие се внесени. Во овој програмски период од 2014 до 2020 година очекуваме искористеноста на средствата да биде многу поголема. Сега поголем е бројот на земјоделски култури со кои може да се конкурира, особено за нашиот регион, Прилеп, Кривогаштани и Долнени, каде житните култури ги има во големи површини и каде скоро секое семејство има засадено вакви површини. Минималниот праг за ова е 10 декари, а скоро секоја фамилија тука има по 10 декари земја. И сточарите не се запоставени и тие се земени во предвид, како и градинарските култури. За овој оглас имаме на располагање за целиот програмски период вкупно 60-тина милиони евра кои се распоредени со мерки, такашто 20% од вкупните пари можат да бидат наменети за трактори, што е една добра новина. Затоа што и во минатиот период најголемиот број на барања беа за тракторите“, истакна Горан Томески, раководител на АПРЗ – Прилеп.
Некои од земјоделците веќе имале искористено средства од оваа програма и ги споделија своите позитивни искуства.
„Во нашиот случај стануваше збор за набавување на нова опрема за фабриката за преработка на овошје и зеленчук. Ние два пати ги користиме овие средства. Процедурата за добивање не е толку едноставна, има правила, но доколку се придржуваш кон нив ништо не е сложено. Значи нашите машини сите беа од други држави, бидејќи не се произведуваат кај нас, целата таа потребна документација требаше да се среди, да се преведи, но доколку се јавеше некаков проблем од самата Агенција не известуваше со рок за корекција. Значи се се решава доколку се оди според програмата која се нуди. Планираме сега повторно да аплицираме и за ИПАРД 2 програмата и повторно тие средства би ги искористиле за набавување на машини и осовременување на производството. 50% од сумата на инвестицијата ви се враќа назад со ИПАРД програмата“, истакна Игор Гулабоски, „Бим Фуд“, фабрика за преработка на овошје и зеленчук./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.