Економија
Прилеп ќе пренамени буџетски средства за обесштетување на земјоделците
На денешната седница на Советот на Општина Прилеп советниците го усвоија предлог-заклучокот по постапката за процена на штетата и помош во отстранување на последиците од природните непогоди настанати на 23 јули на територијата на градот и повеќе населени места.
Во своето излагање пред членовите на општинскиот Совет градоначалникот Илија Јованоски побара од советниците да донесат заклучок за констатирање природна непогода за да се изврши обесштетување на земјоделците чии земјоделски површини беа зафатени од невремето. Во таа насока е формирањето две нови стручни комисии за процена на штетите, кои ќе помогнат за побрза и поефикасна процена.
„Кога Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја врати документацијата со процените за настанатите штети, на следната седница Советот ќе донесе одлука за висината на средствата кои во согласност со финансиските можности ќе бидат одделени за исплата на дел од штетата. Во буџетот на Општина Прилеп не постои ставка што предвидува исплата на средства за штети на земјоделски површини, па затоа исплатата ќе ја извршиме со пренамена на буџетски средства“, истакна Јованоски.
Миле Талевски, претседател на општинскиот Совет, потенцира дека меѓу повеќето одлуки што денеска ги донесе Советот, од голема важност за земјоделците од Прилепскиот Регион е усвоениот заклучок, кој се однесува на процената и исплатата на штетите настанати со големото невреме кое пред една недела ги зафати градот и населените места.
„Оштетени се над 600 хектари обработлива површина, а општинската комисија очекува дека до крајниот рок ќе стасаат повеќе од 1.000 барања за обесштетување. Сите земјоделци што имаат штети, ќе бидат соодветно и законски обесштетени. Преку Министерството за земјоделство, Владата е надлежна да донесе одлука за висината на обесштетувањето врз основа на процената што ќе ја извршат стручните комисии. Кога ќе биде извршена процената на штетата, Советот на Општина Прилеп ќе донесе одлука за обесштетување со средства од општинскиот буџет. Ова е прва одлука со која Советот на Општина Прилеп им излегува пресрет на граѓаните и им доделува средства за ваква намена сѐ со една цел – да им ги олесниме проблемите и маката што им ја нанесе невремето“, изјави Талевски.
Советниците го усвоија тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП „Комуналец“, како и консолидираната сметка за 2017 година од ЈКП „Комуналец“ и ДООЕЛ „Терминал-Комуналец“ – Прилеп. Исто така, советниците им дадоа зелено светло на предлог-одлуките за поднесување апликација и одобрување сопствен финансиски придонес за учество на Општина Прилеп во активноста „Подобрување на амбиентот и привлечноста на старата чаршија во Прилеп“ како дел од проектот „Имплементација на студија за развој на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам – Пелагонија создадена за авантура“. Поддршка доби и предлог-одлуката за сопствен финансиски придонес на Општина Прилеп во проектот „Прилепско Езеро – нови авантури, нови можности“.
Согласност добија годишните планови за вработување во ЕЛС Општина Прилеп и во ЈОУДГ „Наша иднина“, а советниците ја изгласаа и одлуката, со која на ФК „Победа“ му беа доделени средства во висина од 1.200.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.