Економија
Промовиран проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој
Подобар увид во распределбата на буџетските средства во соодветните региони и овозможување подобро планирање на финансиите во насока на рамномерен регионален развој, ќе се постигне со проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, кој се спроведува од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, во соработка со Министерството за локална самоуправа, а со поддршка од Амбасадата на Швајцарија. Целта на проектот е создавање софтверско решение – систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторингот и евалуацијата на политиките за рамномерен регионален развој.
Намерата е разликите во развојот помеѓу и во рамките на планските региони да се намалат, а како резултат на тоа, граѓаните, особено оние од помалку развиените региони во земјата, да имаат подобри услови за живеење.
„Преку софтверското решение на крајот на секоја година, ќе имаме прецизен увид за инвестициите направени од која било државна институција, по кој било основ, каде и да било во земјата, и ќе видиме како средствата се распределени на територијата на целата држава. Не смее да се повтори ситуацијата како во минатото кога се инвестирани 800 милиони евра само во Скопје, а притоа само 18 отсто од државата да е покриена со канализациски системи. Или, пак, случајот со хидросистемот „Злетовица“, каде што се инвестирани 100-ина милиони евра, а општините не може да го користат системот“, нагласи Анѓушев.
Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, потенцира дека спроведувањето на овој проект претставува можност во која се вклучени сите државни институции и општините и преку партнерство и соработка ќе ја искористат во интерес на унапредување на развојот сè до најдалечните и најзаостанати делови на државата.
„Во таа смисла Министерството за локална самоуправа работи на поддршка и промовирање на планските региони како столбови на кои се темели имплементацијата на политика преку зголемување на нивниот конкурентски капацитет, поддршка на иновациите и подобрување на животот на населението“, нагласи Фазлиу.
Заменик-амбасадорот на Швајцарија, г. Стефан Томаџан, изјави дека Швајцарија финансиски ги поддржува активностите за рамномерен регионален развој уште од 2012 година и дека ова е надградба на претходните проекти. Тој дополни дека со овој проект ќе се овозможи јакнење на локалното владење, а дека проектот ќе помогне во алоцирање на буџетските средства и балансирано финансирање на планските региони, како и мониторирање на распределбата на средствата.
Проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој се спроведува од проектна единица формирана за овој проект, која ја координира Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.