Економија
Промовиран јавниот повик за дигитализација во земјоделството
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Коста Петров, денеска го објавија новиот јавен повик – предизвик за дигитализација на земјоделството, наменет за проекти на стартапи од земјоделскиот сектор, со кои на земјоделците ќе им се олесни пристапот до дигиталните технологии и ќе придонесе кон поефикасно и поодржливо земјоделство.
„Во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, во делот за иновациска дејност, секоја година се одвојува 1 % од вкупната вредност на Програмата за почнување бизниси во руралните средини со воведување иновации во земјоделството. Да ги повикаме сите, особено од ИТ-секторот, да аплицираат за да може да се види практичната примена на новите технологии, па да зборуваме за паметно земјоделство, кое кај нас има пионерски чекори“, изјави Димковски.
Тој додаде дека преку дигитализацијата земјоделското производство ќе се модернизира и ќе се намалат производствените трошоци, а примената на дигиталната технологија, користењето софтверски решенија за контрола на влага во почвата, температура и влажност на воздухот, светлина и сите други услови потребни за правилен раст на растенијата, значително ќе го олеснат земјоделското производство.
На повикот ќе може да аплицираат сите напредни стартап-компании, кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ или услуга, кој ќе придонесе кон зголемување на продуктивноста и приходите на земјоделските стопанства, обезбедување одржливи системи за производство на храна и забрзување на дигиталната трансформација на земјоделскиот сектор, велат од ова Министерство.
За овој проект обезбеден е вкупен буџет од 6.000.000 денари. За поединечен предлог-проект, ФИТР обезбедува финансирање до 90 % од вкупниот буџет, во максимален износ од 1.500.000 денари. Корисникот треба да обезбеди минимум 10 % од вкупниот буџет на проектот.
Преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост, на апликантите и идните корисници ќе бидат обезбедени менторска поддршка и поддршка во однос на комерцијализација на иновациите.
Со цел поголема поддршка на стартапите при подготовка на предлог-проектите, за времетраење на повикот ФИТР ќе организира инфо-настани, бесплатна техничка помош од експерти и менторски работилници.
Рокот за аплицирање на повикот е до 16.4.2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.