Економија
Путин: На Европа сè уште ѝ треба рускиот гас, но ние се вртиме кон исток
Рускиот претседател Владимир Путин објави дека Москва ќе го пренасочи извозот на енергија кон исток, а додека Европа се обидува да ја намали зависноста од руските енергенси, Путин возвраќа дека европските држави нема да можат веднаш да се откажат од рускиот гас, иако се чини дека ја отвора вратата за плаќање на гас во евра.
Русија испорачува околу 40 отсто од природниот гас потребен за ЕУ, но западните санкции поради нападот врз Украина го погодија нејзиниот извоз на енергенси, комплицирајќи го финансирањето и логистиката на постоечкиот бизнис.
Додека ЕУ дебатира дали да воведе санкции за рускиот гас и нафта, а земјите членки се снаоѓаат со купување енергенси ширум светот, Кремљ воспоставува поблиски врски со Кина, најголемиот светски потрошувач на енергија, но и други азиски земји, пишува „Еурактив“.
„Таканаречените партнери од непријателските земји признаваат дека нема да можат да се справат без руските енергетски ресурси, вклучително, на пример, природниот гас“, рече Путин на владина седница минатата недела, додавајќи дека во моментот Европа нема рационална замена за рускиот гас.
Путин рече и дека Европа, најавувајќи прекин на испораките на енергија од Русија, ги зголемува цените и го дестабилизира пазарот. Тој додаде дека Русија, која произведува една десетина од светската нафта и една петтина од достапниот гас, ќе има потреба од нова инфраструктура за извоз, па нареди на владата до 1 јуни да претстави план кој вклучува проширување на инфраструктурата во африканските земји, Латинска Америка и Азиско-пацифичкиот Регион.
Но, од друга страна, сепак се чини дека Русија ја отвора вратата за можноста и натаму да се плаќа во евра. Имено, таа земја доживеа нагло опаѓање на производството на нафта, нејзиниот клучен извор на приход, поради тешкотиите со плаќањето. Водечките светски трговски компании планираат веќе на 15 мај да го намалат купувањето на сурова нафта и гориво од руските државни нафтени компании, за да избегнат кршење на санкциите на ЕУ кон Русија.
Затоа, Путин, според австриската новинска агенција АПА, му рекол на австрискиот канцелар Карл Нехамер дека Австрија сепак може да плаќа за руски гас во евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.