Европа
Речиси 4,8 милиони работни места затворени во Украина поради војната
Од почетокот на руската агресија во Украина од февруари изгубени се речиси 4,8 милиони работни места, исто толку компании се затворени, извозот е намален, а милиони граѓани избегале од конфликтот, објави Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Загубите на работни места сочинуваат речиси 30 отсто од работната сила во Украина пред инвазијата, се вели во извештајот на МОТ, пренесуваат медиумите.
Нивниот број може да се искачи на седум милиони ако продолжат непријателствата, предупреди организацијата, додавајќи дека прекинот на огнот може да врати 3,4 милиони работни места на краток рок.
Илјадници луѓе загинаа за време на руската инвазија на Украина, а повеќе од пет милиони луѓе, главно жени, деца и постари лица, избегаа од конфликтот. БДП на Украина оваа година може да се намали за најмалку една третина поради војната.
„Нарушувањата во економијата и голем број раселени лица во Украина и бегалци во други земји предизвикуваат големи загуби во вработувањето и приходите“, заклучува МОТ во истражувањето.
Руската агресија во Украина резултира со катастрофална хуманитарна криза, што го поттикна најбрзото принудно движење на населението од Втората светска војна.
Последиците од војната може да се прелеат и во земјите од Централна Азија.
Најмногу бегалци примиле соседните земји, како Полска и Романија, според МОТ, додавајќи дека пред војната биле вработени околу 1,2 милион бегалци.
Ако трае, пазарите на трудот и системите за социјална заштита во тие земји ќе бидат под притисок со текот на времето, што веројатно ќе ја зголеми невработеноста, покажа студијата.
„Хипотетички, додавањето бегалци на бројот на невработени би ја зголемило стапката на невработеност во Полска од три на 5,3 отсто“, пресмета МОТ.
Последиците од војната може да се прелеат во земјите од Централна Азија, кои во голема мера зависат од дознаките од мигрантите вработени во Русија, предупредува меѓународната организација.
Работниците имигранти би можеле да ги загубат своите работни места и да се вратат дома во случај на пад на активноста во Русија поради западните санкции и трошоците за војната.
На глобално ниво војната во Украина го забрза растот на цените на храната и енергијата и ги загрози работните места и растот на реалните плати, особено во земјите со низок и среден приход, што сè уште закрепмуваат од пандемијата на коронавирусот, забележува МОТ, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.