Економија
Светска премиера на електричниот суперавтомобил Audi PB18 e-tron concept
Првпат Audi ќе презентира дизајн и технички концепт на автомобил на познатиот автомобилски собир Pebble Beach Automotive Week во Монтереј, Калифорнија. Целосно електричниот суперавтомобил Audi PB18 e-tron претставува радикална визија на спортски автомобил со високи перформанси, кој изгледа како да доаѓа од иднината. Станува збор за концепт на електричен двосед, дизајниран од новото студио на Audi во Малибу, Калифорнија, каде што дизајнот постојано беше надградуван. Техничкиот концепт на e-tron PB18 има придобивки од долгите години на Audi во освојување на познатата трка Le Mans. Скратеното име PB18 e-tron се однесува и на Pebble Beach местото за премиера, како и на технолошката ДНК, која овој суперавтомобил ја дели со успешниот тркачки автомобил LPR1 Audi R18 e-tron.
Од сликата се видливи спортските линии на возилото, предните препознатливи LED-светла, како и крилата на покривот, каде што се сместени камерите што ја преземаат улогата на ретровизори.
– Ние сакаме да му понудиме на возачот искуство што инаку е достапно само во тркачките автомобили, како што е Audi R18. Затоа, го развивме ентериерот за идеалната позиција на возачот во центарот. Сепак, нашата цел беше да му дадеме на PB18 e-tron висок степен на секојдневна употребливост не само за возачот туку и за потенцијалниот патник – изјави Gael Buzyn, шеф на Audi Design Loft во Малибу.
Audi PB18 e-tron ја следи традиционалната архитектура на спортски автомобил. Тежиштето на автомобилот се наоѓа зад седиштата и пред задната оска – што е од корист за динамиката на возење. Ова не вклучува конвенционален менувач како во автомобилите со внатрешно согорување. Миксот на алуминиумски, јаглеродни и мултиматеријални композити овозможува телото на Audi PB18 e-tron да има ниска основна тежина. Благодарение и на релативно лесната батерија може да се очекува вкупна тежина помала од 1.550 кг.
Audi PB18 e-tron е долг 4,53 метри, широк 2 метра и висок 1,15 метар. Самите димензии зборуваат за класичен спортски автомобил. Меѓуоскиното растојание изнесува 2,70 метра и преклопите се компактни. Она што е за истакнување се 470-те литри багажен простор, нешто што обично е дефицит кај спортските автомобили, но не и кај ПБ18 е-tron.
Концептот користи три моќни електрични мотори – еден напред и два во задниот дел. Вторите се централно лоцирани меѓу управувачките зглобови, секој директно управува со едно тркало преку полуоски. Тие даваат моќност до 150 kW до предната оска и 350 kW во задниот дел, со што го прават Audi PB18 e-tron вистински quattro. Максималниот излез е 500 kW, но со буст од страна на возачот може привремено да се мобилизираат до 570 kW. Комбинираниот вртежен момент до 830 њутнметри овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за малку повеќе од 2 секунди.
Во нормалниот патен сообраќај возачот може да ја ограничи максималната брзина во корист на опсегот. Ова ограничување е лесно да се деактивира на тркачката патека и може да се приспособи на локалните услови.
Фокусот е Audi не е само во моќни перформанси, туку и максимална ефикасност. Додека се вози, Audi PB18 e-tron обновува големи количества енергија: до умерено сопирање електричните мотори се единствено одговорни за забавување на возилото. Хидрауличните сопирачки доаѓаат во игра само за силно сопирање.
Батеријата со течно ладење има енергетски капацитет од 95 kWh. Целосното полнење овозможува опсег од над 500 километри. Audi PB18 e-tron е веќе дизајниран за полнење со напон од 800 волти. Ова значи дека батеријата може целосно да се полни за 15-ина минути.
Audi PB18 e-tron исто така може да се полни безжично преку индукција со Audi Wireless Charging (AWC). Ова се прави со поставување рампа за полнење со вграден калем на подот каде што автомобилот треба да биде паркиран и поврзување со напојување. Алтернативното магнетно поле предизвикува наизменичен напон во секундарната серпентина поставена на подот на автомобилот низ воздушниот јаз.
Audi во меѓувреме гради ново семејство визионерски автомобили од 2017 година како преглед за следната деценија – електрично напојување и прецизен фокус на нивните соодветни сценарија за употреба. Audi Aicon започна со работа на IAA 2017, a PB18 e-tron сега обележува уште една пресвртница. Дополнителни концепти на возила, како што се оние, на пример, за градски сообраќај, веќе се развиваат и ќе го направат своето јавно деби во наредните месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.
Економија
Народна банка: Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 отсто
На 16 април 2024 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше оценето дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, извести Народната банка.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии. Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4% на годишно ниво (3% во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.287,1 милион евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка, при умерено намалена нето-побарувачка од корпоративниот сектор и натамошен висок прилив на девизи на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во првите два месеца од 2024 година е малку повисок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното. Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на годишен раст кај индустриското производство и угостителството, при мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија и кај градежништвото. Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март 2024 година, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата. Од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.
Сѐ на сѐ, амбиентот за водење на монетарната политика е умерено поповолен од очекувањата. Сепак, ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, соопшти НБ.