Економија
Светскиот ден на пчелата одбележан со конференција во Брдо кај Крањ
Пчеларството е гранка која има важен придонес во земјоделскиот сектор и во зачувување на животната средина, што Владата на Република Македонија преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е силно посветена на развојот на оваа значајна гранка, порача министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во денешното обраќање на меѓународната министерска конференција „Значењето на пчелите и другите опрашувачи за одржливо земјоделство и безбедност на храна“, во Брдо кај Крањ, Република Словенија. Оваа конференција се одржува по повод денешниот „Светски ден на пчелата“, а по под покровителство на словенечкото Министерство за земјоделство, шумарство и храна.
Министерот Николовски посочи дека Македонија се одликува со сопствен автохтон род пчели, а бројот на пчелини семејства денес е проценет на околу 90.000. „Земајќи ги предвид важноста и бенефитот на пчеларството, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство е силно посветено на развој на оваа земјоделска гранка. Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како партнери, ќе дадат силен придонес во процесите на зачувување на пчелите, бидејќи пчеларството е навистина важна стопанско-прехранбена гранка“, изјави Николовски.
Во своето обраќање, министерот Николовски се осврна на долгата традиција што ја има пчеларството во Македонија, која се одликува со сопствен автохтон род пчели. Преку Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, МЗШВ создава институционална поддршка за пчеларството. Со цел модернизирање на процесот и зголемувањето на пчелните семејства и целокупниот капацитет на пчеларскиот сектор достапни се и мерки од Програмата за рурален развој и ИПАРД фондовите.
На конференцијата на која што присуствуваат министри за земјоделство од цел свет, Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) ги повика државите да сторат повеќе за да ги заштитат пчелите и другите опрашувачи или во спротивно, да ризикуваат пад на разновидноста на храната. Од ФАО предупредија дека пчелите се под голема закана од комбинираните ефекти на климатските промени, интензивното земјоделство, пестицидите, загубата на биодиверзитетот и загадувањето. Со Светската здравствена организација, ФАО го разви Меѓународниот Кодекс на управување со пестициди, што обезбедува најдобри практики кои можат да помогнат во намалување на изложеноста на опрашувачите на пестициди.
Министрите на конференцијата усвоија декларација со која меѓудругото заеднички се обврзуваат за преземање на мерки за поддршка и заштита на пчелите и на другите опрашувачи, како и подигање на јавната свест за улогата на пчелите и другите опрашувачите во зголемување на приходите од земјоделство и зачувување на животната средина. На конференцијата беше заклучено дека одржливите земјоделски практики, а особено агро-екологијата, можат да помогнат во заштитата на пчелите преку намалување на изложеноста на пестициди.
Во рамки на официјалната посета на Словенија, министерот Николовски го покани словенечкиот министер за земјоделство, шумарство и храна, Дејан Жидан да присуствува на завршниот настан во Македонија за проектот за Локалните Акциски групи (ЛАГ), за што изминатиот период словенечкото министерство за земјоделство испрати експерти во МЗШВ кои помогнаа за регистрирањето и финансирањето на ЛАГ-вите. Локалните акциски групи за Македонија се важни за регионалниот рурален развој како алатка која ги спојува земјоделските производители, здруженијата, локалните власти и приватниот сектор
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.