Економија
(Видео) СИЕР: Срамно и недозреано е барањето на градоначалникот на Кавадарци за „Фени“
По три часа расправа во судот во Велес одложено е гласањето за планот за реорганизација на „Фени“ предложен од швајцарски ГСОЛ.
Адвокатот, Кристијан Поленак, правен застапник на ГСОЛ, соопшти дека ги прифатил сите забелешки за планот од стечајниот управник. Тој од стечајната судијка Валентина Ѓорѓиевска доби рок од три дена да направи корекција на планот со забелешките, за тој да може да биде ставен на гласање.
Собранието на доверители на кое ќе биде гласањето за планот за реорганизација на „Фени“ судијката го закажа за 4 јули.
И на денешното Собрание, претставниците на „Кунико рисорсис“ на „Енекод“ и на уште неколку доверители, ги повторија старите барања, побараа отфрлање на планот, сопирање на стечајот и впаричување на имотот на „Фени“.
Судијката Ѓорѓиевска, пред расправата за планот, посочи дека добила поднесок од градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и од Советот на Општината. Не ја коментираше содржината, но нагласи дека судот нема да подлегне на политички влијанија.
Поднесокот од градоначалникот, според вработените во „Фени“ е во корист на бугарски „Минстрој холдинг“ кој се залага за впаричување на имотот и продажба на фабриката на јавна лицитација, иако стечајната постапка со реорганизација е во завршна фаза.
Пецо Ристовски, претседател на Синдикат на вработените во индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР), кој го следеше денешното собрание, поднесокот од градоначалникот го оцени како срамен.
„ Тоа е срамно за еден градоначалник. Очигледно е и можеби ќе звучи грубо, но тој е недозреан за вакви тешки одлуки. Да оди против тие што го избрале. Јас кога разбрав се изненадив, го немам видено писмото за да можам да коментирам, но самата постапка треба да го доведе во ситуација да се срами да излезе пред вработените на ‘Фени’, нивните семејства и сите оние кои индиректно на некој начин живеат од ‘Фени’“, рече Ристовски.
Претседателот на СИЕР објасни дена нивните барања поврзани со работниците во „Фени“ се исполнети, сите вработени се задржани на работа и редовно земаат плата што значи стејната постапка е успешна, фабриката рестартирана и нема потреба целата постапка да почне одново.
„Место денес да биде еден свечен чин, да се затвори рочиштето за ‘Фени’ одложена е постапката поради македонските навики на адвокатите и во последен момент нешто да се искомплицира, а се е завршено. Собранието ќе продолжи на 4 јули кога конечно ќе се донесе одлука. Незадоволството беше од помалите доверители кои не си ги продале навреме побарувањата па купецот не ги обесштетува во онаа висина во која тие посакуваат и изнајдоа 300 начини, согласно закон, денес да не се донесе одлуката за прифаќање на планот и почнување со подготовки за целосно преземање на ‘Фени’ од ГСОЛ“, рече Ристовски по одлагањето на собранието.
Тој нагласи дека СИЕР ќе се залага за повисока плата на вработените во согласност со растот на прозиводството како и за зголемување на бројот на вработени што веќе е во тек.
Одлуката да се одложи рочиштето со голем револт беше прифатена од 60 – мината вработени, кои три часа на сонце протестираа пред судот во Велес. Извикуваа „сакаме работа“ и „Енекод ајде дома“. Тие се против барањата да сопре стечајната постапка и да се впараичува имотот на „Фени“ оти тоа значи ликвидација на фирмата со која тие повторно ќе останат без работа и во неизвесност. Протестираа во знак на поддршка на планот за реорганизација и беа разочарани кога слушнаа дека гласањето е одложено.
Тие со аплауз ја поздравија изјавата на сопственикот на ГСОЛ, „Маркос Комхис“ по завршувањето на Собранието на доверители. Тој рече дека ќе го поддржи „Фени“ и во добри и во лоши времиња и нагласи дека нивната инвестиција е сериозна. Објасни дека денес го презентирале нивниот план за реорганизација на „Фени“ со кој ги потврдуваат сериозните намери.
По завршување на собранието на доверители Дејан Кнезовиќ, адвокат на „Енекод“ рече дека одложувањето на гласањето и можноста за корекција на понудениот план за реорганизација на комбинатот е надвор од сите законски рамки.
За адвокатот Поленак, пак, нема незаконски активности во постапката за одложување на гласањето и коригирање на планот за реорганизација на „Фени“. Тој вели дека корекциите се од техничка природа, а не суштински.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.