Економија
Сите документи потребни за аплицирање за бескаматните кредити се достапни по електронски пат
Развојна банка, Управата за јавни приходи и Централниот регистар на Република Северна Македонија апелираат до фирмите коишто ја прибираат документацијата потребна за аплицирање на првата линија бескаматни кредити како една од мерките за Ковид-19, тоа да го прават исклучиво по електронски пат.
Документите коишто ги издава Централниот регистар, како што се тековна состојба, листинг од обработена годишна сметка/завршна сметка за фискалната 2019 година, потврда за стечајна постапка, потврда за ликвидациона постапка, можат да се извадат по електронски пат, потпишани со дигитален потпис, преку системот за е-потврди http://www.crm.com.mk/CRIS/. Додека корисниците на интернет дистрибутивниот систем можат да ги извадат преку својот профил. ЗП образецот којшто исто така го издава, Централен регистар е достапен ТУКА.
И Управата за јавни приходи апелира на поднесување електронски барања за добивање уверение за платени даноци и придонеси. Даночните обврзници наместо да доаѓаат лично во Управата за јавни приходи да го поднесат барањето за издавање на Уверение преку системот е-Даноци.
Аплицирањето за првите 5,7 милиони евра бескаматни кредити од Развојна банка, како директна помош за микро, мали и средни претпријатија во борбата со Ковид-19, започна од вчера, 26 март. Јавниот повик е објавен на веб-страницата на банката www.mbdp.com.mk, а аплицирањето се прави исклучиво електронски со испраќање документација на адресата на е-пошта [email protected].
Во оваа прва фаза, директно ќе се кредитираат најпогодените сектори – угостителство, туризам и товарниот транспорт. Целта на овие кредити е да им помогне на најпогодените сектори да ги премостат иницијалните ликвидносни потреби во овој период. Кредитите се со каматна стапка од 0%, рокот на отплата е до 24 месеци и грејс период од 6 месеци.
Износот на кредитот за кој ќе може да аплицираат претпријатијата зависи од бројот на вработени. Претпријатија до 10 вработени, ќе може да аплицираат за износ до 5.000 евра, претпријатија од 11 до 50 вработени, ќе може да аплицираат за износ до 15.000 евра, а оние од 51 до 250 вработени за износ до 30.000 евра. Најниската сума за којашто може да се аплицира е 3.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.