Економија
Славески: СДСМ се расфрла со пари за време на рецесија
Неодамна заменик-премиерот во Владата на Република Македонија за економски прашања, Фатмир Битиќи, и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров, ги промовираа резултатите од проектите што Владата ќе ги финансира со 5,7 милиони евра народни пари со цел наводно поттикнување на технолошкиот развој на домашните компании и забрзување на економскиот раст на земјата, потсети на денешната прес-конференција Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку тие пари навистина одат кон вистинските компании и за поддршка на најдобрите проекти, тогаш не би имале ништо против, напротив, би ги поддржале тие мерки и политики на оваа Влада. Но, за жал, нашите сознанија не го говорат тоа. Се делат пари за проекти што немаат никаква врска со поттикнување на технолошкиот развој на домашните компании, ниту со забрзување на економскиот раст на земјата. Еден значаен дел од проектите е целосно проблематичен, што фрла голем сомнеж за тоа како се прави селекцијата за тоа кои компании и проекти ќе бидат поддржани од страна на државата. Всушност, од официјалните извештаи на ФИТР може да забележиме дека се одобруваат илјадници евра за поддршка на т.н. проекти, како што се: набавка на рендген за ветеринарни услуги, дигитален гинеколог, софтвер за закажување термин за здравствени услуги, скенер за човечки ресурси и многу други ‘проекти’, кои не се поврзани со подобрување на производните и извозните капацитети на домашните компании“, истакна Славески.
Во услови кога бројот на невработени за една година во Македонија се зголеми за 60.000 лица, рече Славески, тие финансираат проекти, како што е скенер за човечки ресурси, со кој ќе се поврзувала понудата и побарувачката на труд.
„Во услови кога илјадници граѓани се соочуваат со неможност да добијат елементарни здравствени услуги поради недостигот на апарати во јавносто здравство, Владата и ФИТР со народни пари ги поддржуваат ПЗУ да набават апарати со кои подоцна ќе им наплаќаат здравствени услуги на македонските граѓани по многу високи цени. Во услови на пандемија, кога беа загрозени илјадници животи поради недостиг на квалитетна здравствена услуга и во ситуација кога треба на секој начин да ги подигаме здравствените капацитети на јавното здравство со цел да се подготвиме за евентуален нов бран на пандемијата, Владата предводена од СДСМ и ДУИ со народни пари поддржува набавка на рендген за ветеринарни услуги на приватна ветеринарна установа“, додаде Славески.
Според него, сето ова покажува дека интересот на Владата е сè, освен подобрување на економската состојба во земјата, поттикнување на технолошкиот развој и забрзување на економскиот раст.
Потврда за ова, како што посочи Славески, се наодите од последната анализа на реномираниот Виенски економски институт, кои укажуваат дека Република Македонија нема никакви економски подобрувања од кризата и дека капацитетите на државата се недоволни за справување со неа.
Славески додаде дека Македонија и во првиот квартал од 2021 година е во рецесија со пад на БДП од минус 1,9 %, оцени дека имаме историски најмал прилив на СДИ во првиот квартал, што е продолжување на лошиот тренд од минатата година. Според него, земјата бележи зголемување на трговскиот дефицит во првите пет месеци од годината, цените растат, а јавниот долг продолжува енормно да расте и по достигнувањето на критичното ниво од 60 % од БДП, предупреди Славески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.