Економија
Состаноци со високи претставници на ММФ: Монетарната политика е соодветна и постигнато е историски највисоко ниво на девизните резерви
Монетарната политика во земјата е соодветна, со монетарното олабавување остварено во првиот квартал од оваа година, Народната банка повторно испорача клучна поддршка за вкупната активност во македонската економија. Важно e и што успешното одржување на ниска и стабилна инфлација и поволната позиција на билансот на плаќања, годинава, редовно придонесуваат за интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар. Главно како резултат на овие интервенции, постигнато е историски највисоко ниво на девизните резерви на земјата. На крајот на август, за првпат досега, тие изнесуваа над 3 милијарди евра. Нивниот раст продолжи и според најновите податоци, заклучно со минатиот месец, тие изнесуваат 3 милијарди и 127 милиони евра. Високото и според сите показатели адекватно ниво на девизните резерви е цврста гаранција за стабилноста на денарот. Ова меѓу другото беше истакнато на состаноците со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) коишто ги оствари делегацијата предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, во рамки на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка (СБ) во Вашингтон.
Тие имаа состаноци со директорот на ММФ за Европа, Пол Томсен, со извршниот директор на ММФ задолжен за Холандско-белгиската конституенца, Антони де Ланој и неговиот заменик, Ричард Дорнбош, како и со вишата резидентна претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле и со шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу.
Во фокусот на состаноците, покрај монетарната политика беа и економскиот развој и економските показатели коишто ги следи централната банка. Гувернерката Ангеловска-Бежоска меѓу другото посочи дека расположливите податоци за реалниот сектор упатуваат дека остварувањата се во линија на проекцијата за економски раст од 3,5% за оваа година.
Со високите претставници на ММФ се дискутираше и за состојбите во банкарскиот сектор кај нас, при што беше истакнато дека се очекува негово натамошно окрупнување, кое би требало да резултира со поголема конкуренција и со подобар пристап на граѓаните до финансиските услуги. Истовремено беше одбележано дека трендот на раст на капитализираноста продолжува, а ликвидноста се задржува во адекватни рамки. За порастот на ликвидноста во изминатиот период беше нагласено дека доминантно придонесоа интервенциите за откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка. При анализирањето на податоците, на состаноците беше посочено и дека е мошне значајно што нефункционалните пласмани се на релативно ниско ниво.
На овие состаноци се говореше и за најновите проекции на ММФ за македонската економија.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска имаше одделни средби и со раководителите на неколку дирекции на ММФ, на кои се дискутираше за можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка, преку техничка и советодавна соработка во неколку сфери на централнобанкарското работење. Во текот на вчерашниот ден, како претставник на шесте земји од регионот коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија, таа учествуваше и на состанокот на Надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2, на којшто се разговараше за најновите движења во рамки на банкарските системи на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Учеството на Годишните средби на ММФ и СБ, Ангеловска-Бежоска го искористи и за состаноци со свои колеги, гувернери на други централни банки. Притоа се разменија мислења за повеќе актуелни економски прашања, а се разговараше и за развивање на соработката.
Делегацијата на нашата земја имаше состаноци и со потпретседателот на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер, со регионалната директорка на СБ за Западен Балкан, Линда ван Гелдер и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашата земја, Кун Дависе, како и со директорката за Европа и Централна Азија на Меѓународната финансиска корпорација, Вибке Шломер.
Годишните средби на ММФ и СБ завршуваат денес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.