Економија
Сојузот на стопански комори се вклучува во регионална иницијатива за справување со климатските промени
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, стана член на Управниот одбор на невладината организација „Зелен навигатор на Западен Балкан“, чие основачко собрание се одржа вчера во Нови Сад.
„Зелен навигатор на Западен Балкан“ е независно и непрофитно здружение на компании, единици на локална самоуправа, како и други институции и организации од приватниот и јавниот сектор, кое делува во насока на намалувањето на влијанието на климатските промени врз регионалната економија и општеството воопшто.
„Сојузот на стопански комори на Македонија се приклучува кон оваа иницијатива која ќе делува регионално, препознавајќи го потенцијалот на заедничката соработка на економските оператори и институциите од земјите на Западен Балкан во справувањето со негативните последици од климатските промени и постигнување на глобалните цели. Веруваме дека со добра соработка може да се воспостави рамнотежа помеѓу економскиот раст и намалувањето на емисиите на СО2 и на крајот да се постигне климатска неутралност. Акцијата против климатските промени на крајот ќе го поттикне економскиот раст преку влез на нови технологии, кои создаваат нови области на работа“, истакна Ангелоски.
Во рамките на посетата Ангелоски оствари средби и со директорот на Фондот за развој на Војводина, Горан Савиќ на која се разговараше за можностите за соработка во насока на унапредување на земјоделството и агробизнисот како значајни стопански гранки, преку размена на искуство и преземање на добрите практики кои се применуваат во Србија. Ангелоски исто така се сретна и со министерот за државна управа и локална самоуправа на Република Србија, Марија Обрадовиќ на која се разговараше за значајната улога што ја имаат општините во поттикнување на локалниот економски развој, стимулирање на бизнисите и привлекување на инвестиции.
Сојузот на стопански комори на Македонија во 2020 година потпиша Меморандум за соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање со цел да се интензивира соработката за заштита на животната средина на национално ниво, а врз основа на потребата за унапредување на корпоративната одговорност и отчетност во областа на животната средина, како и за понатамошно унапредување на националната и меѓународна регулатива за претпријатијата. Сојузот спроведе и кампања „Иницијатива на жени во климатска акција“ посветена на подигнување на свеста и преземање мерки со кои се мотивираат и се ангажираат институциите и компаниите да се борат со загадувањето и со климатските промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.