Економија
ССК се вклучува во креирање решенија за имплементацијата на договорите од „Отворен Балкан“
Потпретседателите на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Горан Ѓоргиевски, и Сашо Дукоски како дел од владината делегација, учествуваа на состаноците на меѓувладините работни групи и стопанските комори во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, каде што се дискутира за детаљна имплементација на постигнатите договори. Настанот се одржа во Тирана, а во фокус на дискусијата на средбите беше изнаоѓање заеднички механизми за постигнувањето енергетска стабилност во регионо,т како и надминување на предизвикот за обезбедување доволни количини основни прехранбени производи.
Формирани се пет работни групи, комисии, а во рамките на нивните активности ќе се подготват конкретни решенија за операционализација и имплементација на веќе постигнатите договори во рамките на „Отворен Балкан“. Потпретседателот на Сојузот и претседател на Агро-бизнис комората, Ѓоргиевски, како член на работно тело учествуваше на панелот „Безбедност на храна: решенија, инструменти и мерки“.
„Работните состаноци беа исклучително ефикасни. Постигнат е договор да се направи нацрт-верзија на протокол, со кој ќе се постигне елиминирање на царинските и транспортните бариери што сега постојат и ќе се поедностават процедурите поврзани со Агенција за храна и ветеринарство и со Фитосанитарната инспекција. Овој протокол очекуваме да биде усогласен и потпишан од претставници на трите држави во септември во Белград“, истакна Ѓоргиевски.
Потпретседателот на Сојузот, Сашо Дукоски, како дел на комисија, учествуваше на панелот посветен на изнаоѓање можности за унапредувањето на трговската размена и синџирите на снабдување. Бизнис-секторот ги детектира слабостите во движењето на стоките, работните дозволи и движењето на капиталот. Сојузот исто така ја адресира потребата да отворат зелени ленти на граничните премини и за патничкиот сообраќај, а не само за товарниот.
Посебен акцент се стави на изнаоѓање решенија за надминување на енергетската криза.
„Договорено е на државно ниво да се направи процена на енергетските баланси на сите држави, како и на можноста за споделување на капацитети и заеднички инвестиции во зависност од тоа која држава каква компаративна предност има. Се планира и зголеменото производство да може да се користи по повластени цени од страна на државите што се дел од иницијативата доколку имаат потреба“, истакна Дукоски.
Сојузот на стопанските комори верува дека иницијативата „Отворен Балкан“, во која засега членуваат Македонија, Албанија и Србија, ќе биде проширена и со вклучување на другите држави од Западен Балкан и дека преку нејзините активности ќе се постигне економски раст на регионот, како и негово приближување до Европската Унија.
Препознавајќи го потенцијалот на регионалната соработка, Сојузот поддржува и други регионални иницијативи, меѓу кои и „Зелен навигатор за Западен Балкан“, која преку финансиска поддршка и трансфер на знаење и искуство на претпријатијата ќе им обезбеди побрза зелена транзиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено заради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.