Економија
ССК: Технолошка конкурентност за поголем извоз
Унапредување на техничко-технолошките капацитети на компаниите е предуслов за развој на нови и постојни производи сè со цел зголемување на нивната конкурентност, извоз, како и освојување нови пазари, беше истакнато на денешната прес-конференција на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК).
Трајан Ангелоски, член на УО, Индустриската комора во Сојузот, со водечка компанија со долгогодишно искуство во областа на машинството и индустријата, рече дека услов да се постигне тоа е полесен пристап до финансиски средства во насока на обновување машини со современа и висока технолошка вредност заради добивање краен производ со поголема додадена вредност.
„За поголем развој на индустриското производството и финализирање производи со поголема додадена вредност, потребен е специјализиран план за развој, а врз основа на него да се изработи стратегија за извоз на македонски производи на странските пазари во контекст на спогодбите и договорите на ЦЕФТА и Светската трговска организација. Паралелно како континуиран процес треба да се посвети внимание на креативноста, мотивацијата и усовршување на квалитетните кадри, кои ќе влијаат на зголемување на продуктивноста кај домашните компании, кои се двигатели на економскиот раст“, изјави Ангелоски.
Тој додаде дека од посетите на саемските манифестации и бизнис-форумите годинава во најзначајните светски економски центри во Европа и Азија, како Германија, Италија, Јапонија, Кина, очигледен е трендот на нужната потреба од следење на техничко-технолошкиот развој. Нагласи дека е потребна поактивна соработка со високите и стручните образовни институции со цел теоријата и праксата да се преточат во знаење, што ќе продуцираат висока продуктивност, рентабилност и економичност во работењето на компаниите.
„За компаниите, покрај искусен, потребен е и нов кадар, кој ќе придонесува за развој на новите технологии. Ваквата соработка значи чекор понатаму во создавањето генерации млади луѓе подготвени да се справат со предизвиците на современото бизнис-опкружување. Заедничкото дејствување на образованието и бизнисот треба да имаат цел надградување на стекнатото знаење преку практични примери од секојдневното работење. Младите студенти, кои понатаму ќе бидат дел од пазарот на труд, треба да имаат навремена подготовка за успешно интегрирање. На тој начин ќе можеме да градиме современи и економски силни компании“, рече Ангелоски и додаде доколку сакаме да се приклучиме кон земијите со висок технички технолошки развој, потребно е минималниот процент на раст да изнесува од 7 до 9 отсто на годишно ниво и таквиот тренд да се одржува во континуитет од 5 до 10 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.