Економија
Стопанските комори: Одлуката за замрзнување на цените на прехранбени производи може да ја продлабочи кризата
Здравствено-економската криза, која трае веќе две години, предизвика сериозно засегање на стопанството, а претпријатијата ги доведе во ситуација на тешко одржување на финансиската стабилност и на деловната активност. Надминување на состојбите е единствено можно со адекватни, добро испланирани и таргерирани мерки, кои ќе се дефинираат во блиска комуникација со реалниот сектор. Парцијалните решенија, кои се носат без соодветна анализа и не се во корелација со други мерки, како што е одлуката за определување највисоки цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и трговијата на мало, уште повеќе ќе ја нарушат тешката состојба во која се наоѓаат претпријатијата и ќе предизвика дополнителни проблеми за граѓаните, меѓу кои и ограничување на пристапот до основните животни продукти, предупредија денеска од Сојузот на стопанските комори.
„Одлуката за ограничување на цените на одредени производи, за да даде позитивен ефект, потребно е да биде донесена во корелација со други мерки. Прво, потребно е влезните инпути во сите компании да се стабилизираат, односно суровините и репроматеријалите, конкретно во прехранбената индустрија, да се овозмозможи да имаат соодветна минимална цена. Тоа може да се направи преку активирање на државните стокови резерви по одредени стабилни цени за периодот во кој одлуката за ограничување на цените е во сила. Потребно е и стабилизирање на енергентите во рамка во која државата би гарантирала одредени цени на електричната енергија и на гасот, од кои значително зависи висината на цената на производите. За да се донесат мерки што ќе дадат позитивни резултати, неопходно е тие да бидат креирани со активно учество на бизнис-заедницата“, истакна Горан Георгиевски, потпретседател на Агробизнис-комората.
Доколку не се постапи во согласност со препораките што ги дава Агробизнис-комората, ограничувањето на цените директно ќе предизвика ефект на празни полици во снабдувачките центри насекаде во државата.
„Имено, во дадени услови на многукратно зголемени трошоци на инпутите во производните процеси, а при забрана за зголемување на цените на крајните производи, единствено можно решение е прекин на производството и отпуштање на вработените. Исто така, можно е и стимулирање на сивата економија бидејќи во неможност производите да се набават по регуларен пат, граѓаните ќе бидат принудени да ги набавуваат на друг начин, што ќе донесе и до формирање цени што се многу повисоки од реалните, но ќе предизвика и несигурност во квалитетот на производите“, изјави Георгиевски и додаде дека наместо за замрзнување на цените, треба да се размислува за замрзнување на маржите бидејќи тоа е она што во вакви услови може да спречи нереално зголемување на цените.
Претседателот на Агробизнис-комората, Огнен Оровчанец, додава дека за долгорочно стабилизирање на пазарот на храна, треба да се имплементираат и долгорочни мерки, како што е формирање една надлежна државна институција.
„Сега надлежностите се поделени меѓу Министерството за земјоделство, Министерството за економија и Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за здравство како надлежни за безбедноста. Но, секојдневната пракса покажува дека овие институции функционираат без меѓусебна поврзаност и координација, а притоа никој не сноси одговорност за пропустите што секојдневно се случуваат и од кои претпријатијата трпат штета. Одговорноста едноставно се префрла од еден на друг, без притоа да се најде решение за проблемите што постојат. Затоа, сметаме дека е неопходно да постои едно министерство за храна, кое ќе биде целосно надлежно за сите прашања поврзани со оваа проблематика. Така ќе имаме системски и инклузивен пристап во регулирање на оваа значајна област, што на граѓаните ќе им гарантира пристап до квалитетни прехранбени производи по реални цени. Ова барање Сојузот и Агробизнис-комората досега неколкупати го има јавно истакнато, но веруваме дека состојбата во која се најдовме поради кризата уште еднаш ја апострофира неговата важност“, истакна Оровчанец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.