Економија
Сугарески: Во Дојран комплетно ја рехабилитираме патната мрежа за претстојната туристичка сезона
Како што ја завршивме минатата година во ресорот Транспорт со одлична реализација на инвестициите, така ја започнавме и оваа градежна сезона, која почна многу порано и каде уште на стартот имаме одлична динамика во изградба и санација на целокупната инфраструктура со која менаџираме, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната посета во општина Дојран.
Сугарески заедно со градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов, и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, извршија увид во рехабилитација на државниот пат Раброво – граничен премин Дојран.
Инвестицијта е вредна 830 илјади евра, средства обезбедени од ЈП за државни патишта.
Министерот Сугарески потенцира дека капиталните инвестиции во секторот гасификација, во комуналната, патната и железничката инфраструктура и оваа година се работат со силна динамика и се очекува високо ниво на реализација.
„Околу 200 милиони евра инвестиции во патишта, нови проекти во гасификацијата, преку 30 нови проекти за водоводи и канализации. Оваа година ја започнавме со силно темпо. Денеска извршивме увид на рехабилитација на овој значаен патен правец, посебно значаен бидејќи го поврзува граничниот премин кон соседна Грција и од тој аспект обезбедуваме квалитетно регионално поврзување. Овој дел на државата е значаен, посебно поради развој на туризмот и токму нашите залагања е да обезбедиме подобри услови во патната и комуналната инфраструктура, со цел да го подигнеме квалитетот на услуги што ги нуди Дојранскиот Регион. Инвестираме повеќе од 3 милиони евра само во реконструкција на патната мрежа. Дополнително со проектот за локални патишта што го работиме преку министерството, на Дојран му обезбедивме околу 600 илјади евра за изградба и санација на локалните улици, така да генерално патната мрежа целосно ја обновуваме”, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Според директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, рехабилитацијата на овој патен правец ќе заврши до крајот на месец април, почетокот на месец мај.
„Рехабилитацијата на овој пат ја почнавме во ноември минатата година. Го поделивме на четири дела заради поефикасна работа и веќе првиот дел е завршен. Интензивно се работи на асфалтирање на делот од Стар до Нов Дојран, па следува делот до граничниот премин. Очекуваме за мајските празници оваа делница да биде подготвена за туристите, а од друга страна да ја подигнеме безбедноста во сообраќајот. Денеска се асфалтираат и последните метри од делот од Смоквица до Богданци, а морам да најавам дека проектот за обиколница Богданци е завршен и следува тендерирање”, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Според градоначалникот на општина Дојран, овие инвестици ќе придонесат за развој на туризмот и подобрување на услови го општината. Тој додаде дека преку проектот за локални патишта ќе се реконструитраат и три патни правци во населените места Фурка, Црничани и Николич.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.