Економија
Сугарески: Почнавме со изградба на комуналната инфраструктура во зоната Визбегово за да привлечеме нови инвеститори
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, денеска извршија увид во изградба на канализацискиот систем за индустриската зона Визбегово.
Министерот Сугарески потенцира дека изградбата се одвива со одлична динамика и дека ова е најзначајниот проект за зоната Визбегово бидејќи тоа е услов за подобрување на работата на сите инвеститори.
„Предвидено е да се изгради околу 7 километри метри водоводна мрежа и околу 5 километри канализација во индустриската зона Визбегово. Во првата фаза почнавме со изградба на водоводната мрежа, која планираме да ја завршиме до февруари или најдоцна до март в година.
Додека за изградбата на канализацијата, тендер ќе распишеме во август или почетокот на септември оваа година. Она што е важно е фактот што го исполнуваме ветувањето што го дадовме пред бизнисмените што работат во зоната. Знаеме колку е важно да се изгради водоводот и канализацијата. Со него не само што ќе овозможиме подобри услови за работа на постојните компании туку ќе создадеме услови да се изградат нови фабрики и да се отворат нови работни места“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, потенцира дека ова е прва фаза од уредување на зоната. Кога ќе се изгради комуналната инфраструктура, Општината ќе почне и со реконструкција на патната инфраструктура во зоната.
„Во зоната имаме 220 фирми, кои активно работат, имаме и десетина нови барања од компании. Очекуваме со изградбата на инфраструктурата дополнително да привлечеме нови инвеститори“, изјави Велимир Смилевски, градоначалник на општина Бутел.
Проектот за изградба на канализацискиот систем во зоната Визбегово е вреден 1,8 милион евра. Рокот на завршување е февруари в година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТЕЦ Неготино нова подружница на АД ЕСМ
Согласно изготвената анализа за присоединување на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ Скопје, утврдена е оправданоста од присоединувањето со што се овозможува поефикасно и економски поисплатливо искористување на производствениот капацитет на АД ТЕЦ Неготино, порационално управување, искористување на оперативниот, производствен и управувачки персонал, информираат од АД ЕСМ.
Според нив, енергетската криза од 2021 година претставува пресуден аргумент за нужноста од интегрирањето на АД ТЕЦ Неготино во рамки на АД ЕСМ Скопје, како од аспект на диверзификација на ризик, така и од аспект на стабилност и континуитет во производството на електрична енергија на државно ниво. Исто така треба да се има во предвид дека двете компании се лиценцирани за производство на електрична енергија, па ваквиот предлог за статусна промена – присоединување на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ – Скопје е целосно оправдан и реализиран.
„Кога започна енергетската криза, Владата на Република Северна Македонија даде согласност на АД ЕСМ да го активира со работа ТЕЦ Неготино за времено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза, и заклучно со 2022 година произведени беа 412.692 MWh електична енергија, а заклучно со 31 Декември 2023 година произведе 346.248 MWh.
Произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино, за време на енергетската криза, АД ЕСМ ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел за потребите на АД МЕПСО, а дел ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата“, стои во соопштението.
Термоелектраната „Неготино“ почнала да се гради 1974, а изградена е во 1978 година. Последен пат претходно работела во производството на електрична енергија во 2009 година, за во 2022 година по 12 години пауза како „ладна резерва“, во услови на енергетска криза да биде вклучена за само 40 дена.
ТЕЦ Неготино има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК Битола.
Економија
Денеска почнува Глобалната недела на парите 2024: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“
Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, од денеска до 24 март, дванаесетта година по ред, ја одбележуваат Глобалната недела на парите. Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања и објавување едукативни материјали од областа на финансиите.
Темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“ (Protect your money, secure your future), којашто се однесува на безбедното управување со парите и јакнењето на свеста за потенцијалните ризици во финансискиот сектор и заштитата на личните финансии. Таквите ризици вклучуваат финансиски измами, вклучително и сомнителни пораки (фишинг), измами при купување преку интернет, како и ризици поврзани со приватноста на податоците, како што е кражбата на идентитетот. Најчесто младите се жртви на финансиски измами, поради нивниот постојан допир со технологиите и пониската информираност за можните опасности при користењето на современата технологија и современите начини на плаќања за обезбедување нови финансиски производи и услуги. Оттаму, темата на овогодишната Глобална недела на парите ги поттикнува младите луѓе да гледаат подолгорочно и да бидат претпазливи при носењето финансиски одлуки и користењето на современите технологии.
Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, Народната банка ќе организира повеќе предавања за учениците од основните и средните училишта. Народната банка организациски го поддржува и националниот натпревар на Европскиот квиз на парите 2024 година, којшто ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите.
Во меѓународни рамки, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот и со која се опфатени 60 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org
Економија
Ковачевски: Направивме многу, но тоа не е доволно, со новата програма до 600 евра минимална и над 1000 евра просечна плата
7 години се прилично долго време. Низ тие 7 години, СДСМ направи многу добри работи. Минималната плата денес е над 370 евра, просечната плата е над 650 евра, иако ветивме 500. Пензиите се во просек за 6000 денари повисоки, и континуирано ќе растат. Сѐ се тоа двојно и ли тројно зголемени показатели. Невработеноста ја преполовивме. – истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на отворањето на промотивниот штаб на СДСМ во Битола.
Ние нашите планови, а и ветувања, ги исполнуваме. Ние даваме сѐ од себе да ги исполниме и очекувањата на граѓаните. Исто како што ги дадовме сè од себе за да им помогнеме на граѓаните и фирмите полесно да се справат со сите предизвици. Во најтешката криза, преку антикризните мерки помогнавме да не се почувствува ценовниот шок, се потрудивме зголемувањето на цената на струјата никој да не ја почувствува – рече Ковачевски
Никого не оставивме сам. Постојано бевме на терен, бевме рамо до рамо со граѓаните. За три години преку антикризни мерки обезбедивме помош од 2,6 милијарди евра. Го заштитивме стандардот на граѓаните. Дадовме сѐ од себе во Македонија да се живее подобро отколку пред седум години. Направивме храбри и вистински чекори и резултатите се и видливи. – истакна Ковачевски
-Но, тоа не е доволно. И јас сум дел од граѓаните, знам што се случува, знам дека сето ова и треба, а и може да е подобро. Затоа што се уште има граѓани чие секојдневие е многу тешко, кои не можат целосно да им обезбедат сѐ што им треба за нивните деца. Затоа, велам, и може и треба мора да направиме повеќе. Мора да направиме да е подобро – посочи Ковачевски
-Програма на СДСМ ќе биде пример за тоа како треба да се работи за да се обезбеди повисоки плати и пензии, посилна економија, подобро образование и здравство, конкурентно земјоделство. Програма за сите – за младите, за пензионерите, за земјоделците, за стопанството, за работниците. Програма со која предвидуваме сериозни и издржани проекции кои ќе донесат економски раст и развој. – рече Ковачевски
Како што предвреме го исполнивме ветувањето 500 евра просечна плата, така и во наредниот мандат ќе обезбедиме просечна плата од над 1000 евра и минимална плата од 600 евра. Поддршката за компаниите ќе е најмалку 50% повисока од сегашните рекордни 100 милиони евра, а земјоделците ќе може да сметаат на нови, зголемени 750 милиони евра субвенции – порача Ковачевски на отворањето на промотивниот штаб на СДСМ во Битола.