Економија
ТАВ за 10 години го зголеми бројот на патници за четири пати
Холдингот ТАВ Аеродроми ја прославува 10-годишнината од управувањето со македонските аеродроми. Вкупниот пораст на бројот на патниците на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид заедно, кој беше 640.000 во 2009 година, се очекува да достигне 2,7 милиони до крајот на 2019 година.
Во последната декада, бројот на опслужувани дестинации е зголемен од 15 на 44 како резултат на маркетингот и поддршката од мрежата на авиолинии на ТАВ, која се протега на 14 аеродроми во 7 земји.
ТАВ е одлучен дека и натаму ќе продолжи со двоцифрениот пораст на бројот на патници и дека ќе продолжи да го развива скопскиот аеродром како главен центар за авиосообраќај на Балканот, објавија од компанијата, на прес-конференција за медиумите во Бодрум, Турција.
Главниот извршен директор и Претседател на холдингот ТАВ Аеродроми, Сани Шенер, изјави:
“Навршувајќи ги првите 10 години работа во државата, многу сме среќни од работењето на двата македонски аеродрома, во секој аспект, како за компанијата така и за целокупната економија во државата. Од 2010 година инвестиравме 120 милиони евра во аеродромска инфраструктура и развој, а плативме вкупно 47,4 милиони евра за концесиски такси и даноци. Инвестициските циклуси од почетокот на работата на ТАВ Македонија ги поместуваат сите сегменти на аеродромското работење. Од 15 дестинации на кои превозниците летаа од/до Скопје во 2010 година, денес бројот се зголеми на 44 дестинации, додека бројот на патници на двата аеродрома, кој во 2010 година беше само 640.000, на крајот на 2018 година достигна бројка од 2,3 милиони. Очекуваме овој развој да продолжи со слично темпо во наредниот период, искористувајќи го потенцијалот на македонските аеродроми да станат заеднички регионален центар и да придонесат за развој на македонската економија и деловните односи меѓу Македонија и Турција“.
Бројот на вработени на ТАВ Аеродроми, на скопскиот и охридскиот аеродром е 1.100 луѓе, од кои повеќе од 70% работат во ТАВ Македонија, а останатите во сестринските компании на ТАВ, односно во БТА, АТУ, ТАВ МОС, ТАВ Технолоџис и Еуроклин.
Главниот и извршен директор на ТАВ Аеродроми, Шенер, истакна дека успехот на пазарот е постигнат како резултат на посветената работа на тимот на ТАВ Македонија со цел да обезбеди услуги со висок квалитет во секој сегмент, како и на поддршката од институциите во земјата кои се вклучени во авиосообраќајот.
„Достигнувањата дојдоа како резултат на одличната соработка со Владата и сите институции вклучени во воздухопловната индустријата, како што се Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, авиокомпаниите и тур-операторите кои работат на/од македонските аеродроми, нашите деловни партнери кои работат на двата аеродрома и патниците за користење на нашите аеродроми. Покрај развивањето на мрежата на авиокомпании и авиолинии, ќе продолжиме да работиме и на подобрување на квалитетот на услугите за нашите патници и одржување на високо ниво на задоволство на клиентите со усвојување на најновите трендови и решенија во дејноста на аеродромското пработење на двата македонски аеродрома“, додаде Шенер.
Доказ за практиката да се обезбедат аеродромски услуги со висок квалитет, е наградата ASQ од страна на Меѓународниот совет на аеродром, што скопскиот аеродром ја доби за 2018 година, по четврти пат, по наградите добиени за 2012, 2013 и 2015 година. Оваа престижна награда е доделена според искуствата на патниците, и е светски репер за врвна услуга за клиенти.
Првите 8 месеци од 2019 година ги заврши со вкупно 1,8 милиони патници (1,774,482), што е 12,1% зголемување на годишно ниво и 14,744 летови (9,9% зголемување на годишно ниво) на двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.