Економија
Тасевска: Со буџетот продолжуваме со социјалната реформа и санирање на последиците од корона-кризата
Предлог-буџетот за 2021 година доставен до Собранието од страна на Владата ја потврдува заложбата на СДСМ за силна и навремена помош и поддршка на сите погодени од корона-кризата, оцени на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска.
„Грижата за сите продолжува, а доказ за тоа е и буџетот за 2021 година на Министерството за труд и социјална политика проектиран на 53,1 милијарди денари. Дел од овие средства ќе се искористи за полесно надминување на негативните последици од корона-кризата. Истовремено, продолжува и реализацијата на капитални инвестиции и објекти за што од буџетот на Министерството предвидени се 100 милиони денари, од кои 93,9 милиони за градежни објекти и 6,1 милиони за набавка на опрема“, рече Тасевска.
Предвидено е в година да заврши изградбата на 14 градинки, а во постапка е подготовка на програмата за почнување изградба на нови објекти за згрижување деца. Целта е да се овозможи пристап на деца од предучилишна возраст и во руралните средини, односно во средини каде што досега немало градинки.
Во делот за социјални надоместоци во буџетот за наредната година предвидени се 10,5 милијарди денари. Со овие средства ќе се опфатат околу 300.000 корисници, нагаси Тасевска.
Како што додаде, обезбедени се средства за зголемување на бројот на домаќинства приматели на гарантиран минимален приход за дополнителни 5.000 домаќинства, со што вкупната бројка на домаќинства опфатени со оваа мерка ќе биде 36.500.
Тасевска вели дека во време на сериозна криза се обезбедуваат значителни средства за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, во износ од 538 милиони денари, со што ќе се поддржи отворањето нови работни места.
„Буџетот за 2021 година не само што обезбедува санирање на последиците од корона-кризата туку со него продолжуваме да ја намалуваме невработеноста, да се грижиме за најмладите, да обезбедиме редовна исплата на социјалните права, но и да ја продолжиме и социјалната реформа. Со буџетот за 2021 година државата покажува дека има капацитет и волја да застане зад секого што има потреба од помош. Затоа е важно овој предлог-буџет да биде усвоен од страна на сите пратеници во Собранието за грижата за граѓаните да продолжи уште повеќе и уште подобро“, додаде Тасевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска: Родовата еднаквост не само квантитативно, туку и квалитативно ќе го поттикне економскиот раст
Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Така, кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на активност е повеќе намалена кај жените отколку кај мажите, што е слично и со глобалните трендови. Според анализата на Светската банка, земјите во регионот од Западен Балкан секоја година губат околу 18% од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснува со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел на разликите во изборот на занимањата помеѓу мажите и жените. Оттаму, водењето соодветни политики за поголема вклученост на жените на пазарот на трудот може значително да придонесе за повисок економски раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Улогата на жената во економската трансформација на општеството“ во организација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Глобално и во регионот, неодамнешните кризи посилно ги погодија секторите со поголемо учество на жените и неповолно се одразија врз активноста и јазот. „Според Светскиот економски форум (СЕФ), ако напредокот продолжи со досегашната динамика, на глобално ниво ќе бидат потребни 131 година за да се постигне целосна рамноправност. За споредба, пред пандемијата беше проценето дека се потребни 100 години за да се постигне родова еднаквост, што укажува на последиците од неодамнешните шокови врз женската популација и родовиот јаз“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска-Бежоска посочува дека позитивен ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот би имало не само од зголемениот број на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, коишто можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот и пооптимално одлучување.
Гувернерката додаде дека за да се постигне тоа се потребни реформи во повеќе сегменти, како откривање на сите извори на родовите разлики присутни во институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, развивање политики коишто ќе ги поттикнат жените да се вратат на пазарот на труд, разбивање на стереотипите и создавање еднакви можности за кариерен развој на жените (учество во лидерските и високите позиции), соодветна поддршка на жените од државата и работодавачите во однос на обврските кон семејството/децата, осмислување нови иновативни технолошки решенија коишто ќе овозможат поголема финансиска инклузија и пристап до финансирање на жените со ниски примања.
На работилницата во организација на Катедрата по економија, на која и гувернерката одржа предавање, учествуваа и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Билјана Ангелова и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Владанка Трајкоска. Работилницата ја отвори деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпески, а воведни обраќања имаа и професорките Даниела Бојаџиева и Билјана Ташевска.
Економија
Комерцијална банка склучи договор за продажба на „Еуроникел“
Комерцијална банка информира дека склучи договор за продажба на имотот на комбинатот „Еуроникел индустри“ од Кавадарци со друштва основани од холандската холдинг-компанија Polynickel Holding BV, која е дел од групацијта Yildirim Group. За финална реализација на купопродажниот договор останува уште да се исполнат сите правни и регулаторни предуслови, се наведува во соопштението.
Во исто време, банката со групацијата Yildirim склучи договор за продажба и на имотот на фабриката „Нова рефрактори“ во Пехчево.
„Убедени сме дека продажбата е долгорочно решение за комбинатот ‘Еуроникел’ имајќи ги предвид кредибилитетот и капацитетот на групацијата Yildirim. Веруваме дека со ова е надминат неизвесниот период за сите доверители и, пред сè, за вработените во комбинатот, кои покажаа максимална посветеност и професионалност и покрај тешката состојба во која се најдоа не по нивна вина.
Групацијата Yildirim е глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул. Основана е 1963 година и моментно работи во 56 земји на 5 континенти, вработува 25.000 лица во девет индустрии: метали и рударство, управување со пристаништа, вештачки ѓубрива и хемикалии, енергија и енергетски производи, транспорт и логистика, финансиски услуги, градежништво и недвижности и меѓународната трговија.
Во целиот изминат период од декември 2023 година, кога Комерцијална банка го презеде имотот на комбинатот во своја сопственост, бевме посветени на наоѓањето сериозен инвеститор, кој ќе ја продолжи дејноста на еден од најзначајните индустриски капацитети во земјата. Со цел да се одржи комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес, банката во изминатите четири месеци обезбеди речиси 100 милиони денари за одржување на технолошкиот минимум на комбинатот и за давање шанса за продолжување на работењето“.
Банката, како што се дополнува во информацијата, останува посветена и понатаму да придонесе со сите свои капацитети за фер наплата на доверителите и вработените во рамките на стечајната постапка. Прв услов за тоа е сите должници на ‘Еуроникел’ веднаш да ги платат своите обврски“.
Економија
Од полноќ поскапуваат горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,33 % во однос на одлуката од 22.3.2024 година.
Од 26.3.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 85,00 (денари/литар)
моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 87,00 (денари/литар)
дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 77,00 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 44,776 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 не се менува.
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат 1,00 денар/л, а малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕРОТ БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,979 денари/кг и сега ќе изнесува 44,776 денари/кг.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,028 %.