Економија
Тевдовски: Во Македонија има претпријатија кои се општествено одговорни
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, го отвори овогодишниот Форум на добри компании организиран од „Паблик“, а поддржан од Европската Унија и германската амбасада. Тој и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, учествуваа и на панел – „Државата како фасилитатор на одржливи процеси“.
Министерот во своето обраќање истакна дека Владата работи на реформи кои креираат одржливо општество. Tој додаде дека, преку мерките за грижа за најранливите категории, зголемувањето на вработувањата и растот на платите, како и доближувањето на земјата до ЕУ и НАТО заедно се движиме напред. Тевдовски истакна и дека во Македонија има примери на социјални претпријатија кои се истакнуваат со својата општествена одговорност.
„Одличен пример за тоа е списанието ‘Лице в лице’, кое економски и социјално ги засилува маргинализираните групи. А секако дека во Македонија постојат и други примери на општествено одговорни организации. Тие вклучуваат најразлични активности, од грижа за ранливи граѓани, преку подигнување на свеста за селектирање на отпадот, па сè до поддршка на млади и иновативни луѓе. Вреди да се истакне дека во последните години општествена функција извршуваат и странските компании кои предводени од германските значајно го подобруваат стручното образование во земјава“, истакна Тевдовски.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на панел-дискусијата зборуваше за добрата соработка со Министерството за финансии, како и за поддршката што МТСП ја доби во законското решение за јавни набавки да се вметнат резервираните набавки.
„Со стратегијата за социјално претприемништво создаваме екосистем за развој на социјалните претпријатија во Македонија. Овие претпријатија ќе бидат од голема помош за државата бидејќи ќе нудат социјални услуги на кои ќе биде купувач самата државата, но истовремено и ќе имаат обврска да вработуваат ранлива категорија лица со што ќе придонесат за процесот на инклузија на различните во општеството. Услугите коишто би ги нуделе о старт овие претпијатија би биле од областа на здравството, рехабилитацијата и екологијата“, истакна министерката Царовска.
Форумот е годинава е поддржан од Европската Унија и германската амбасада. Свои обраќања имаа и евроамбасадорот Самјуел Жбогар, холандскиот амбасадор Вилем Влаутер Пломп и заменик-амбасадорот на Германија, Петер Шалер. Фокус на Форумот е соработката помеѓу државата, компаниите и граѓанскиот сектор во креирање на подобро општество за сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.