Економија
Тевдовски: Каматата за „Купи куќа, купи стан“ ќе биде најниска на пазарот
Значително намалени каматни стапки за проектот „Купи куќа, купи стан“, нови поволни модели и прецизирање на условите за добивање субвенциониран станбен кредит, најави Министерството за финансии. Новите услови се содржани во предлог-законот за субвенционирање станбен кредит, кои се изготвени од МФ, а усвоени од Владата.
Денес, министерот за финансии, Драган Тевдовски, пред Македонската банкарска асоцијација ги презентира новините во законот.
„Најголема новина и поволност за граѓаните е значителното намалување на каматните стапки. Каматните стапки за првиот модел, во кој државата субвенционира дел од месечната рата, ги намалуваме од 3,95 на 2,9 отсто за првите 3 години. За четвртата и петтата година каматите ги намалуваме од 4,44 проценти на 3,9 отсто. Ова се во моментот најниски каматни стапки за станбен кредит на пазарот. Намалувањето на каматните стапки значи сериозна заштеда за граѓаните. На пример, за кредит од 50.000 евра, само по основ на камати, граѓаните ќе заштедат 1.300 евра“, рече Тевдовски.
Министерот за финансии истакна дека се намалува и каматната стапка за моделот „Учество“. Имено, наместо досегашната стапка од 4,5 проценти + 6-месечен еурибор, со измените каматата ќе биде 4 отсто + 6-месечен еурибор. Инаку, оваа камата важи за цело времетраење на исплата на кредитот.
Се предлагаат и нови модели на субвенционирање, кои ќе обезбедат подобри услови, особено за младите.
Со моделот „Купи стан за млади“, рече Тевдовски, ќе се субвенционираат 70 проценти месечна рата (главнина и камата) во првите пет години или 70 проценти од учеството. Со ова ќе се обезбедат повисоки субвенции за речиси 2.500 евра во однос на порано.
„Одиме и чекор понатаму за поддршка на граѓаните што планираат да формираат или да го зголемат семејството. Едногодишна субвенција на месечната рата (главнина и камата) во висина од 30 проценти за секое родено или посвоено дете за корисниците на кредитите што ќе го зголемат семејството во рок од 10 години од добивањето кредит преку проектот ‘Купи куќа, купи стан’“, рече Тевдовски.
Министерот посочи дека со измените на законот се прецизираат и условите во проектот со цел да го искористат оние што навистина имаат потреба од него. Се воведува ограничување на големината на становите и куќите за да се избегне финансирање луксуз. Наместо максимум „приходите по основ на плата“, се воведува „максимум по основ на вкупни приходи“. Се уредуваат и случаите кога корисниците поседуваат друг недвижен имот или имаат наследство или дар на делови од станбена единици. Сите овие промени, вели Тевдовски, се во насока подобро да се таргетираат оние на кои навистина им е потребна помош.
Претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Коста Митровски, ги поздрави измените и подобрувањето на условите во проектот. Тој ги повика банките што не се вклучени во проектот бидејќи на тој начин ќе се обезбедат подобри услуги за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.