Економија
Тевдовски: Невработеноста заклучно со третото тримесечје во 2018 е намалена на 20,8%
Стабилноста и меѓународниот статус кои ги носи членството во НАТО, влијаат на одлуките за инвестиции, како на домашните, така и на странските инвеститори, вели во интервју за месечникот „Заман“ министерот за финансии Драган Тевдовски, а пренесуваат од Министерството за финансии.
Како што се наведува во соопштението на ресорното министерство, во рамките на интервјуто, Тевдовски истакнал дека со пристапување во НАТО, земјата ќе добие подобар меѓународен статус и ќе биде во друштво на најразвиените земји. Посочил и дека искуствата од другите земји покажуваат висок раст на странските директни инвестици по влезот во Алијансата.
„Кај Бугарија, странските директни инвестиции, анализирано пет години пред и по влезот во НАТО, се скоро три пати повисоки, односно од 7 проценти на 19,8 проценти од БДП. Кај Албанија тие се двојно поголеми, или од 5 проценти на 9 проценти од БДП и тоа во време на светската економска криза. Значи, ефектите можеле да бидат и поинтензивни. Кај Романија, исто така има висок раст, од 2,8 проценти на 7,2 проценти по пристапувањето во НАТО, кај Чешка од 3,2 на 7,7 проценти. Тоа е прилив на свеж капитал, нови фабрики, нови производствени капацитети, нови работни места, нови производи, пренесување на know-how“, вели Тевдовски во интервјуто за „Заман“.
Во интервјуто министерот зборува и за оценките на економијата во 2018 година. Тој посочил дека согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, од почетокот на годината просечната плата е повисока за 5,7%.
„Невработеноста заклучно со третото тримесечје во 2018 година е намалена на 20,8%, и најниска досега, вели во интервјуто Тевдовски и посочува дека во овој период отворени се 14.239 нови работни места. После подолг период се враќа довербата на инвеститорите. Првите девет месеци од 2018, странските директни инвестиции достигнаа 316 милиони евра, што е значително повисоко од вкупниот годишен износ претходната година. Извозот во 2018 е за 16% повисок во однос на 2017 година. Расте индустријата, но и услужниот сектор“, истакнува Тевдовски.
Тој додал и дека во второто и третото тримесечје економијата забележува солидни остварувања на бруто-домашниот производ со 3% раст, кој првенствено е генериран од приватниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.