Економија
Тевдовски: Отсега може да се аплицира за субвенциониран станбен кредит по камата од 2,9 проценти
Граѓаните отсега можат да аплицираат за новите услови за субвенциониран станбен кредит. Со објава на законските измени во „Службен весник“ стапуваат на сила пониските каматни стапки од 2,9 отсто, но и други поволности како дополнителна едногодишна субвенција од 30 проценти за родено или посвоено дете, јавува Министерството за финансии.
„Каматните стапки за првиот модел, во кој државата субвенционира дел од месечната рата, ги намалуваме од 3,95 проценти на 2,9 отсто за првите 3 години. За четвртата и петтата година каматите ги намалуваме од 4,44 проценти на 3,9 отсто. Ова се во моментот меѓу најниските каматни стапки за станбен кредит на пазарот. Намалувањето на каматните стапки значи сериозна заштеда за граѓаните. На пример, за кредит од 50.000 евра, само по основ на камати граѓаните ќе заштедат 1.300 евра“, рече Тевдовски, кога ги презентираше новите услови пред Македонската банкарска асоцијација.
Со измените, како што нагласи Тевдовски, се намалува и каматната стапка за моделот „учество“. Имено, наместо досегашната стапка од 4,5% + 6-месечен Еурибор, со измените каматата е 4% + 6-месечен Еурибор. Инаку, оваа камата важи за цело времетраење на исплата на кредитот.
„Одиме и чекор понатаму за поддршка на граѓаните кои планираат да формираат или да го зголемат семејството. Едногодишна субвенција на месечната рата (главнина и камата) во висина од 30% за секое родено или посвоено дете за корисниците на кредитите кои ќе го зголемат семејството во рок од 10 години од добивање на кредит преку проектот“, рече министерот за финансии Тевдовски.
Се предлагаат и нови модели на субвенционирање кои ќе обезбедат подобри услови, особено за младите. Кај моделот за купување на стан за млади, наместо 50 проценти субвенција, отсега државата ќе субвенционира 70 отсто месечна рата (главнина и камата) во првите пет години или 70 проценти од учеството. Со ова ќе се обезбедат повисоки субвенции за околу 2.500 евра во однос на порано, нагласуваат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.