Економија
„Те-То“: Финансиската полиција неаргументирано напаѓа странски инвестиции во земјата
„Недопустливо е Финансиската полиција да излегува на прес-конференции за медиумите
со бомбастични најави за наводен криминал кај најголемиот странски гринфилд-инвеститор во државата и тоа во фаза на интерни истражни постапки. Јавно се изнесуваат крајно паушални и неаргументирани наводи, кои допрва треба да се докажуваат во правни постапки. Ваквите неаргументирани јавни настапи и напади врз странски инвестиции од страна на сериозни институции, каква што треба да биде Финансиската полиција, се целосно во спротивност и на штета на клучниот приоритет на Владата за привлекување странски инвестиции во државата“, се вели во реакцијата на „Те-То“ АД Скопје во врска со кривичната пријава на Финансиската полиција поднесена против компанијата.
„Од самото соопштение до јавноста се гледа дека Финансиската полиција поднесува кривична
пријава за перење пари, без притоа да има доказ – судска пресуда. Постојните наводи за
перење пари и криминални дејства се базирани на информации од незавршени истраги за
кои се тврди дека се водат во Руската Федерација. Обвиненијата дека директорот на ‘Те-То’ АД предизвикал лажен стечај се целосно неосновани. Ова се гледа од ревизорските извештаи на ‘Те-То’ АД изработувани од реномирани ревизорски куќи, а кои се однесуваат на годишните сметки на компанијата за периодот откога таа почна со комерцијална работа до стапувањето во сила на планот за реорганизација. Фактот дека услови за стечај постоеле гo потврди и самата Топлификација АД, со тоа што на 30.5.2018 година поднесе предлог за стечај на ‘Те-То’ АД Скопје.
Обвиненијата дека директорот на ‘Те-То’ АД потпишал нотарски спогодби спротивно на
Законот за трговските друштва и Статутот на компанијата се исто така неточни бидејќи со
наведените спогодби се прави само одлагање на веќе достасани заеми, не се преземаат
никакви дополнителни обврски за компанијата, туку, напротив, компанијата ја подобрува
својата позиција во однос на веќе достасаните обврски. Тоа е во целост во согласност со Законот за трговските друштва и Статутот на компанијата. Уште повеќе, одлагањето на рокот на враќање на веќе достасани заеми не влијаел на фактот дека компанијата ги исполнува условите за реорганизација. Во согласност со Законот за стечајот, секое лице овластено за застапување на правното лице има право да поднесе предлог за отворање стечај, така што неточни се наводите дека директорот на ‘Те-То’ АД неовластено поднел предлог за стечај. Ваквиот неодговорен однос кон компанијата ‘Те-То’ АД Скопје ѝ нанесува непоправливи штети на деловната репутација, ја отежнува конкурентната способност на компанијата на европскиот пазар и го нарушува нејзиното нормално работење“, се додава во соопштението.
Во него се наведува дека ‘Те-То’ АД има сериозен позитивен импакт врз економијата во државата преку плаќање такси и други давачки во висина од 8 милиони евра годишно. Во компаниите на Групацијата Те-То и БЕГ работат околу 350 вработени, во голем дел високостручен инженерски кадар. ‘Те-То’ АД Скопје е најголемиот потрошувач на гас во државата, кој произведува топлинска и електрична енергија на начин поволен за животната средина. И покрај неоснованите дејства на истражните органи, компанијата ја продолжува својата дејност со сигурно и квалитетно производство на електрична и топлинска енергија во енергетскиот систем на државата. ‘Те-То’ АД Скопје со сите правни и законски мерки што се на располагање ќе докаже дека наводите од кривичната пријава се неосновани и ќе ги заштити интересите на компанијата, акционерите, доверителите, вработените и на државата, велат од компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.